15 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за Брегзит, Мајкл Гоув, изјави дека премиерот Борис Џонсон ќе го реализира Брегзит до 31 јануари и дека до крајот на 2020 година ќе постигне нов трговски договор со Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Апсолутно можам да потврдам дека релативно брзо ќе имаме можност да гласаме за предлог-договорот за повлекување и затоа да се погрижиме да биде усвоен пред 31 јануари“, рече Гоув.
Тој додаде дека верува дека двете страни ќе го склучат трговскиот договор до крајот на наредната година.
„Кога ќе ја напуштиме ЕУ, со блокот ќе ги завршиме разговорите за новата рамка за слободна трговија и пријателска соработка“, истакна британскиот министер.
Риши Сунак, заменик-министер за финансии на Велика Британија, изјави дека Владата Предлог-договорот за повлекување ќе го достави до Парламентот за ратификација пред Божиќ.
Британскиот премиер Џонсон минатата недела победи на предвремените парламентарни избори кои ги свика за конечно да го реши прашањето за Брегзит.