Dilara Hamit
21 Август 2019•Ажурирај: 22 Август 2019
АНКАРА (АА) - „Отстранувањето на бариерите за интеграција треба да биде главен фокус на турската политика кон бегалците“, истакна Башак Јавчан, експерт во врска со тоа прашање.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), Башак Јавчан, потпретседателка на Центарот за истражување на социјална политика на турскиот Универзитет ТОББ, ги оцени социокултурните пречки, економските предизвици и прашањето за едукација на младите Сиријци во однос на турската бегалска политика.
Нагласувајќи ја потребата за социјално прифаќање, Јавчан изјави дека политиките направени за Сиријците треба многу добро да им бидат објаснети на турските локални жители, за да се постигне заеднички консензус.
„Со оглед на социјалната кохезија, би било многу позитивен чекор за Сиријците да живеат во градовите. Многу е подобро две различни општества да живеат и растат заедно хармонично за да се спречи појава на две паралелни општества“, рече Јавчан.
Таа истакна дека едно лице не може да живее во вештачка средина, како што се камповите, повеќе од шест месеци.
„Едно лице не може да живее во камп осум години, а исто така тоа е многу скапо за државата“, изјави таа.
„Ние, исто така, се надеваме проблемите да бидат решени така што дел од популацијата ќе може да се врати дома, но тоа е малку залуден обид да се настојува кон враќање, бидејќи гледаме дека како што поминува времето, тоа не се случува“, рече таа.
Додаде дека сириската популација не се само обични мигранти, бидејќи поминале низ трауми.
- Деца на кои им е потребна помош -
Јавчан нагласи дека наставниците во училиштата многу добро им објасниле на турските деца зошто сириските деца на нивна возраст учат со нив.
Според УНИЦЕФ, 400.000 сириски деца во просек не одат на училиште и тоа поради недостаток на свесност за достапни услуги, јазични бариери, социјално-економски пречки и рано напуштање на училиштата.
„Еден од најважните проблеми на интеграцијата во образованието се раните бракови, потребата да се работи како дете и социо-економскиот статус на семејствата, што ја прават ситуацијата уште потешка од тоа“, изјави Јавчан.
Таа нагласи дека пристапот до образованието за Сиријците во Турција за време на 2014/2015 година изнесувал 30 отсто, а дека се зголемил на над 60 отсто во 2019 година.
Јавчан објасни зошто новата генерација мигранти треба да се образува, нагласувајќи дека секоја генерација мигранти низ светот се разликува од нејзините наследници и претходници.
„Првата генерација ги памети условите од таму каде што потекнуваат, и затоа е благодарна на земјата што ги прифаќа. Но, постои поголема шанса овој ефект да се намали во втората генерација, што може да има проблеми со адаптацијата, особено ако продолжи да постои социјална напнатост“.
„Според нивна гледна точка, тие мислат „Јас сум роден тука и тој е роден овде, зошто сум дискриминиран? Или зошто моите услови се полоши?“ Природно е да се очекува бунтовнички пристап“, рече таа.
„Ова се деца во кои треба да се инвестира, што треба да бидат тргнати од улиците и треба да бидат интегрирани во образовниот систем“, додаде Јавчан.
Владата на Турција потроши повеќе од 30 милијарди долари за грижа за бегалците од почетокот на сириската криза во март 2011 година.
УНИЦЕФ нагласува дека ситуацијата на децата мигранти во Турција останува делумно предизвикувачка.