Sena Güler
21 Август 2019•Ажурирај: 22 Август 2019
КАРАКАС (АА) - Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, потврди дека се водат тајни разговори со американската администрација за решавање на долготрајните недоразбирања меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со месеци се одвиваат разговори со мое овластување помеѓу администрацијата на Трамп и Владата на Венецуела, за изнаоѓање решение за конфликтот меѓу нас и северноамериканската империја“, истакна тој на настан во градот Ла Гварија.
Тој додаде дека тие ќе го одржат контактот со САД.
Во понеделникот, потпретседателот на Социјалистичката партија, Диосдадо Кабело, втор по важност во Венецуелската влада, ги негираше обвинувањата дека бил на тајни разговори со лица од американската администрација.
Мадуро, исто така, истакна дека секогаш ќе ја брани солидарноста на Венецуела и додаде дека неговата земја е подготвена за преговори за решавање на несогласувањата.
„Но, ако нè нападнете, ние ќе одговориме“, додаде тој.
Венецуела е потресена од политички немири од 10 јануари, кога Мадуро положи заклетва за втор мандат како претседател. Тензиите ескалираа на 23 јануари, кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо се самопрогласи за привремен претседател.
Русија, Кина, Иран, Турција, застанаа во поддршка на Мадуро.
Шпанија, Велика Британија, Франција, Шведска, Германија, Јапонија и Данска им се придружија на САД и Канада во признавањето на Гваидо како привремен лидер на земјата.