Ahmed Asmar
06 Декември 2023•Ажурирај: 07 Декември 2023
ГАЗА (АА) - Околу 73 Палестинци загинаа, а 123 се повредени во израелските напади врз централниот дел на Појасот Газа во изминатиот ден, соопшти денес Министерството за здравство со седиште во Газа, јавува Анадолу.
„73 загинати и 123 повредени е билансот на жртви донесени во болницата за Ал Акса (близу градот Деир ал Балах) во изминатите 24 часа“, се вели во соопштението на Министерството.
Претходно, палестинската новинска агенција „Вафа“ објави дека 19 Палестинци загинале денес во израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа.
„Вафа“ објави дека израелската војска, исто така, употребила и бомби со бел фосфор и димни бомби врз кампот што доживеа серија израелски воздушни напади.
Израел ја продолжи својата воена офанзива во петокот на палестинската територија по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со Хамас.
Најмалку 16.248 Палестинци загинаа, а над 43.616 се ранети во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври по прекуграничниот напад на Хамас.
Според официјалните податоци, билансот на жртви во нападот на Хамас во Израел изнесува 1.200.