Ekipa
08 Септември 2019•Ажурирај: 09 Септември 2019
КАБУЛ (АА) - Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изјави дека вистински мир е возможен само доколку бунтовниците се согласат на прекин на огнот и директни преговори со Владата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тој изјавата ја даде само по неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ги прекина мировните преговори со талибанците.
Авганистанскиот претседател, кој беше загрижен за предложениот договор меѓу САД и талибанците, рече дека Владата во Кабул ги поздравува сериозните напори на своите сојузници и е посветена кон соработката со Соединетите Американски Држави и другите партнери за да се обезбеди траен мир во земјата.
„Народот и Владата на Авганистан се залагаат за достоинствен и одржлив мир и се посветени да вложат каков било напор за да обезбедат мир во земјата. Сепак, Владата, упорноста на талибанците кон зголемување на насилството врз Авганистанците ја смета како главна пречка за тековните мировни преговори“, се вели во соопштението на Претседателството во Кабул.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека талибанските лидери и авганистанскиот претседател Ашраф Гани одвоено тргнале синоќа кон Соединетите Американски Држави (САД) за да се состанат со него во Кемп Дејвид, Мериленд, но дека тој го откажал состанокот.
„За жал, со цел да се изгради лажна моќ, тие признаа за нападот во Кабул во кој загина еден наш војник и 11 други лица“, напиша Трамп на социјалната мрежа Твитер.
Талибанците презедоа одговорност за бомбашкиот напад во четвртокот источно од Кабул.
„Веднаш го откажав состанокот и ги прекинав мировните преговори. Какви луѓе би убиле толку многу лица, со цел навидум да ја зајакнат својата позиција за преговарање?“, рече тој.
„Доколку не можат да се договорат за прекин на огнот за време на овие многу важни мировни преговори, па дури и убија 12 невини луѓе, тогаш тие веројатно немаат моќ да преговараат за значаен договор“, рече Трамп.
„Уште колку децении сакаат да се борат?“, запраша тој.
Трамп ја даде оваа изјава неколку дена откако врвниот американски мировен преговарач Залмај Хализад изјави дека САД, во принцип, постигнале договор со талибанците.
Во интервју за авганистанската телевизиска куќа „Толо њуз“ (Tolo News), тој изјави дека американските сили ќе испразнат пет воени бази во Авганистан во првите 135 дена по потпишувањето на договорот.