Alaattin Doğru
24 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
ДАКАР
Во источниот дел на Демократска Република Конго се урна приватен авион врз населено место. Бројот на загинати се искачи на 23 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во локалните медиуми, приватен авион од типот „Dornier-228“ во сопственост на компанијата „Busy Beeм“, кусо време по полетувањето се урнал врз населено место во градот Гома.
Претставник на компанијата информираше дека во авионот се наоѓале 19 лица, од кои 17 патници и 2 члена на екипажот. Оттаму претпоставуваат дека можна причина за паѓањето на авионот е некаков технички проблем.
Директорот на Заштитата на цивилното воздухопловство, Џозеф Макунди, соопшти дека на местото на несреќата е дојдено до 23 тела.
Гувернерот на Северен Киву, Карли Нзанзу Касивита, истакна дека добил информации дека авионот полетал со задоцнување.
Мисијата за стабилност на ОН (MONUSCO) на местото на несреќата испратила две противпожарни возила и една спасувачка екипа.
Од друга страна, на социјалните мрежи се објавени видеоснимки од местото на несреќата. На нив може да се забележи чад кој се издига од урнатата куќа врз која паднал авионот во населбата Мапендо/Бирере, недалеку од аеродромот.