Islam Uddin
22 Април 2021•Ажурирај: 26 Април 2021
МЕЛБРУН
Владата на Австралија го поништи Договорот кој сојузната австралиска држава Викторија го склучи со Кина во состав на иницијативата „Појас и пат“, јавува Агенција Анадолиjа (АА).
Тој потег следуваше откако Викторија одби да го откаже Договорот кој со Пекинг е потпишан во 2018 година.
Министерката за внатрешни работи на Австралија, Марис Пејн, го одобри откажувањето на вкупно четири договори и меморандуми за разбирање со Кина, Иран и Сирија.
„Сметам дека овие четири ангажмани се во спротивност со австралиската надворешна политика и дека се штетни за нашите надворешни односи во согласност со релевантните австралиски надворешни односи“, изјави Пејн.
Кинеската иницијатива „Појас и пат“ се смета за еден од најамбициозните економски и инфраструктурни потфати во историјата на човештвото и како таков би можел да предизвика промени во рамнотежата на силите на глобално ниво. Кинеската визија на повторното оживување на „Патот на свилата“ и спојувањето на Пекинг со Лондон е во основа економски план, но има и голем потенцијал епицентарот на светската политика да го пресели од Запад на Исток. Проектот кој опфаќа 65 земји има за цел со копнени и поморски транспортни мрежи да преземе доминација над светската трговија.
Пејн така првпат ги искористи овластувањата кои како шефица на дипломатијата ги доби минатата година, а кои се однесуваат на одобрување или поништување на договорите кои австралиските сојузни држави ги постигнуваат со другите држави.
Од Кинеската амбасада во Австралија негодуваа поради откажување на договорот и го оценија тој потег неразумен и провокативен.
„Тоа понатаму покажува дека австралиската Влада нема искреност во процесот на подобрување на кинеско-австралиските односи. Сигурно ќе донесе понатамошна штета на билатералните односи, а на крај ќе си наштетиме на себе“, порачаа од Кинеската амбасада.
Односите меѓу Пекинг и Канбера се заострија откако Австралија се придружи на своите западни сојузници во истрагата за потеклото на коронавирусот кој првпат се појави во декември 2019 година во Вухан и ја предизвика пандемијата на Ковид-19.