Recep Şakar
15 Април 2022•Ажурирај: 18 Април 2022
МЕЛБУРН (АА) - Марис Пејн, министерката за надворешни работи на Австралија, изјави дека земјата ќе воведе финансиски санкции за 14 државни претпријатија од стратешко и економско значење за Русија, која изврши инвазија на Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмено соопштение објавено на официјалната интернет-страница на австралиското МНР, министерката Пејн информира дека меѓу 14-те претпријатија што треба да бидат санкционирани, има значајни за Кремљ, како што се „Камаз“, „Севмаш“, „Руски железници“ и корпорацијата „Обединета бродоградба“.
Наведувајќи дека австралиската Влада со воведените санкции го попречува јакнењето на економските капацитети на Русија, која е во војна со Украина, министерката Пејн рече: „Со блокирање на договорите на овие важни извори на приход за руската Влада, го зголемуваме притисокот врз Русија и ја намалуваме способноста на Путин да ја финансира неговата војна.“
Пејн наведе дека австралиската Влада ќе продолжи да го поддржува украинскиот народ, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и додаде: „Ја повикуваме Русија веднаш да ги повлече своите воени сили од Украина.“
Од почетокот на војната меѓу Русија и Украина, Австралија воведе санкции кон речиси 600 лица, пред сѐ, членови на семејствата на рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, на високи директори од двете земји и на руски олигарси.
Австралија, која, исто така спроведе и рестриктивни мерки за слабеење на девизните резерви и инвестициите на Руската централна банка, како што е отстранувањето на размената на финансиските податоци (SWIFT) за руските банки од глобалниот систем за пораки за плаќање, имаше за цел да предизвика сериозно зголемување на трошоците на руската економија.
Австралиската Влада досега обезбеди воена и хуманитарна помош за Украина, која се бори против Русија, во вкупна вредност од 181 милион австралиски долари (137,6 милиони американски долари).