Elvir Hocic
12 Јуни 2017•Ажурирај: 13 Јуни 2017
МОСУЛ (АА) - Здружените ирачки сили ја продолжуваат операцијата за ослободување на Мосул од терористите на ДЕАШ, а минатиот викенд беше ослободен поголем дел од квартот Зенјили во западниот дел на градот, кој е единственото преостанато упориште на терористите во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Битката за Мосул е во тек, а вториот по големина ирачки град и некогаш економска престолнина на земјата, речиси е целосно уништен и претворен е во град на урнатини и прав.
Соочени со проблемот за тоа како да се избегне страдањето на цивилите, ирачките сили успеваат да го стегнат обрачот околу утврдените позиции на ДЕАШ во Стариот град и во квартот Џедида.
Уништената и изгорена болницата во квартот Шифа некогаш беше главен клинички центар за околу два милиона жители на Мосул, а денес е најдобар показател за судбината на овој град.
Терористите на ДЕАШ го контролираат Мосул од летото 2014 година.
По тримесечна акција, здружените ирачки сили поддржани од страна на меѓународната коалиција, во јануари го ослободија источниот дел на Мосул, а на 19 февруари започнаа акција за ослободување на центарот на градот којшто се наоѓа на западниот брег на реката Тигар.
Мосул во Ирак и Рака во Сирија се познати како двете најголеми упоришта на терористите на ДЕАШ.