Enes Canlı
09 Октомври 2020•Ажурирај: 11 Октомври 2020
АНКАРА
- Енес ЏАНЛИ
Американскиот амбасадор во Триполи, Ричард Норланд, истакна дека Турција го дала својот придонес во изнаоѓањето решение за кризата во Либија под покровителство на Обединетите нации (ОН), и додаде дека следната недела ќе се знае дали тие преговори ќе бидат успешни или не.
Во Либија, која веќе подолг период излегува во преден план поради вооружени конфликти и регионални судири, либиските актери сигнализираат на нов политички компромис по кревкото примирје кое е зачувано, и покрај прекршувањата што се случуваат извесен период.
На интензитет добија воените, политичките и економските преговори во главните градови од регионот, каде што на маса седнаа спротивставените страни, со цел да се стави крај на поделбата предизвикана од вооружениот конфликт и земјата да се врати на патот на дијалог.
Норланд, кој ја посети Анкара како дел од регионалната турнеја, даде писмен одговор на прашањата на новинарот на АА и ја изрази својата благодарност за можноста со високите турски претставници да зборува за дипломатските напори што се вложуваат за Либија.
- „Сите либиски страни треба да избегнуваат потези што би го нарушиле примирјето“
Посочувајќи дека САД го поддржуваат заедничкиот повик за прекин на огнот упатен од политичките страни учеснички во конфликтот во Либија на 21 август, Норланд изјави дека преговорите на полето на безбедноста се одвивале во египетскиот град Хургада, што претставува позитивен развој на настаните.
Норланд за состојбата во Либија рече: „Сметаме дека консултациите на Анкара и Каиро може да бидат многу плодни во намалувањето на напнатоста. Ги поддржуваме напорите на ОН за посредување во зближување на либиските страни и постигнување траен прекин на огнот. Сепак, сè уште постои ризик од продолжување на конфликтот.“
Американскиот амбасадор упати повик, велејќи: „Сите либиски страни и сите релевантни странски актери треба да се воздржат од какви било чекори што би ја нарушиле стабилноста и суверенитетот на Либија и од сите потези што би го нарушиле тековниот фактички прекин на огнот за да ги поддржат разговорите за либискиот национален дијалог.“
- „Либијците треба да започнат дијалог“
На прашањето за разоружување на Сирт и Куфра, Норланд одговори: „Напредокот во Сирт може да биде првиот важен чекор.“ Норланд истакна дека „Либијците треба да се вклучат во дијалог без интервенција на странски сили за да се стави крај на конфликтот и да напредуваат кон избори? и нова влада.“
Норланд изјави дека иако во последен период во регионалните главни градови постои интензивен сообраќај на средби со цел да се изнајде решение за кризата во Либија, и самите ги виделе вестите дека постои зголемена воена акумулација на фронтот од страна на Калифа Хафтар. Истакна дека САД уште претходно преку Централната команда на Африка (АФРИКОМ) ги документирале прекршувањата на ембаргата поврзани со вооружување и ги споделиле со јавноста, потенцирајќи дека „активностите направени во таа насока претставуваат чекори преземени во погрешна насока“.
Нагласувајќи дека веќе е дојдено „време да се започне со намалување на странската воена интервенција која вклучува и воени платеници, странски воени компании, странски борци“ во Либија, Норланд посочи дека таквата ситуација само го продлабочува и го продолжува конфликтот.
Истакнувајќи дека употребата на сириски борци и платеници од Африка од двете страни на конфликтот е „енормно дестабилизирачка“, Норланд го посочи следното: „Групата Вагнер, агенцијата која е продолжение на руската Влада, од октомври минатата година досега е еден од главните фактори за нестабилноста во Либија и сега се доживува како закана за примирјето. Русија многу јасно го знае ставот на САД во однос на ова прашање.“ Според проценката што ја направи новинарот на АА врз база на информации добиени од доверливи извори од теренот во Сирија, Русија од регионите под контрола на режимот на Асад префрли над 5.000 платеници во редовите на Хафтар во Либија.
- „Ние сме против ескалација на воената напнатост“
Оценувајќи ги критиките дека САД молчеле за нападот на Хафтар во април 2019 година за освојување на главниот град на Либија, Норланд рече: „Политиката на САД отсекогаш била јасна и сѐ уште е таква. Ние сме против активностите за ескалација на воените тензии и го поддржуваме самоопределувањето на Либијците.“
Норланд исто така подвлече дека Вашингтон го поддржува дијалогот меѓу самите Либијци, воспоставувајќи го суверенитетот без странска воена интервенција.
- „Се наоѓаме во критичен период“
Норланд истакна дека Турција, не само затоа што е сојузник на НАТО, туку и надвор од тоа игра клучна улога: „Турција моментално даде придонес за основата на преговорите со либиските претставници под покровителство на Обединетите нации. Сега сме во критичен период. Идната недела ќе покаже дали овие преговори ќе бидат успешни.“
Одговарајќи на прашањето дали Хафтар има место во иднината на Либија, Норланд рече:
„Либијците треба мирно и демократски да одговорат на тоа прашање. Во нашиот контакт со сите актери, ги охрабруваме да учествуваат во политичко решение предводено од ОН, во кое Либијците ќе се изразат себеси преку избори. Либијците имаат свои ставови, тешкотии со кои се соочуваат, како и очекувања од нивните лидери. Либија се соочува со пандемијата на Ковид-19, корупција, недостиг на електрична енергија, проблеми со пристап до вода, а исто така и со пристап до своите банкарски сметки. Либијците имаат право да изберат водачи за решавање на нивните проблеми.“