Hakan Çopur,İslam Doğru,Dildar Baykan
14 Септември 2018•Ажурирај: 16 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - ИСЛАМ ДОГРУ/ДИЛДАР БАЈКАН - Локалното население во Сејлорсберг, во сојузната американска држава Пенсилванија, сè повеќе ја изразува загриженоста поради тамошниот камп на терористичката организација ФЕТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Локалниот дневен весник од Пенсилванија „The Press“ објави текст во кој се зборува за проблемот и сè поголемата загриженост на локалното население во малото место Сејлорсберг и во неговата околина, каде што терористичката организација ФЕТО има свој камп, во кој престојува и лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен.
Во објавената статија се наведува дека населението е загрижено поради инфилтрирањето на ФЕТО во универзитетите и локалните цркви, и се пренесени прашањата на жителите од типот „зошто ФЕТО присуствува на состаноците на нашата црква и зошто доаѓаат на миси?“. Според локалните весници, голем број жители поставуваат прашања дали на нивните деца во училиштата им се претставуваат делата на Ѓулен.
Како посебна загриженост на локалното население е истакнат фактот дека за кампот на ФЕТО се зборува како за регион „во кој никој нема пристап освен овластените лица“.
„Стравуваме од тоа дека во потполност ќе ја преземе контрола над овој регион, во последно време купија голем број куќи во околината“, „со години слушаме пукотници во кампот. Се плашам за своето семејство“, „Како мајка на три деца загрижена сум поради постоењето на ваков камп. Зошто им се потребни вооружени припадници за безбедност доколу штитат само еден верски човек?“, се само некои од изјавите на локалните жители.
Во статијата се споделени информации за тоа кој всушност е Фетула Ѓулен, а на веб-страницата се објавени видеоснимки и текстови за образовните институции на ФЕТО кои работат во оваа земја.
„The Press“ минатиот четврток објави текст за образовните установи во САД кои работат под покровителство на ФЕТО. Истакнато е дека преку средствата што се собираат преку споменатите установи се основаат фондации, културни центри и други различни невладини организации, со помош на кои ФЕТО ја шири својата мрежа на дејствување. Исто така е истакнато дека ФЕТО често врши работи кои не се во согласност со американските закони.
„ФЕТО е формиран на една опасна идеологија“, се нагласува во текстот.
Американецот Џон Фавер, кој живее во регионот Винд Гап, недалеку од Сејлорсберг, за АА изјави дека му е мило што имал прилика да ја прочита статијата, нагласувајќи дека иако живее во близина претходно не бил запознаен со фактот дека таму постои таков камп.
Фавер истакна дека го изненадила информацијата дека луѓето кои таму престојуваат ги штитат вооружени припадници на безбедност.
Турскиот претприемач кој веќе 30 години престојува и работи во Пенсилванија, Мурат Ѓузел, исто така зборуваше за реакциите на локалното население поради постоењето на ФЕТО во овој регион.
Тој истакна дека локалните жители се загрижени поради кампот на ФЕТО, и дека голем број од нив му се обраќале токму нему, поради фактот што по потекло е Турчин и што е активен во локалната политика.
Ѓузел додава дека ФЕТО на самиот почеток имал одредени соседски односи со околината, и дека Турците што живеат таму ги праќале своите деца во нивните училишта за да не го заборават сопствениот идентитет.
„Со текот на времето, ФЕТО кој се претставуваше дека е во служба на народот, зајакна и стана таинствена кутија. Потоа започна да ги користи луѓето за свои потреби. По случувањата на 17 декември во Турција, како своја примарна цел го поставија вршењето пропаганда против Турција. Како што Турците се оддалечуваа од ФЕТО, се оддалечуваше и локалното население, и соседските односи се завршени така“, изјави Ѓузел.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век почна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции и на крајот, на 15 јули 2016 година, изврши неуспешен обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.
За време на обидот за воен удар во Турција се убиени најмалку 251 лице, а беа повредени 2.200 лица. Турските надлежни институции водат опсежна истрага во судските постапки против оваа терористичка организација.