Jorge Antonio Gonzalez Rocha
20 Февруари 2026•Ажурирај: 23 Февруари 2026
МЕКСИКО (АА) – Аргентинскиот претседател Хавиер Мили повторно ја искажа својата поддршка за Одборот за мир, предводен од Соединетите Американски Држави, и понуди распоредување мировни сили во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Ние веруваме во дипломатија што презема ризици со цел да постигне мир. Веруваме во лидерство што решително им се спротивставува на сложените предизвици, како она на претседателот Доналд Трамп, веруваме дека единствениот мир што вреди да се гради е оној што е заснован врз неотуѓивите права на човекот. Одборот за мир нуди рамка за движење во тој правец“, изјави Мили за време на првиот состанок на Одборот во Вашингтон.
Аргентина е една од првите земји потписнички на Одборот за мир, меѓународно раководно тело формирано од Трамп за надзор на обновата, стабилизацијата и долгорочното управување со Појасот Газа по војната меѓу Израел и Хамас.
Во текот на обраќањето Мили исто така, вети поддршка од аргентинските „Бели шлемови“ или „Лос Каскос Бланкос“, агенција под надлежност на Министерството за надворешни работи, која е одговорна за обезбедување меѓународна хуманитарна помош. Од основањето во 1994 година таа има спроведено акции во повеќе од 80 земји.
„Во оваа почетна фаза Аргентина е подготвена да даде свој придонес. Нудиме соработка на нашите 'Бели шлемови'. Нашето досегашно искуство во мировните операции е докажан капитал што го ставаме во служба на стабилизациските сили“, изјави тој.
Аргентинскиот претседател го продлабочи сојузот со САД и поддршката кон Израел како земја основач на одборот.
Тој континуирано ги изразува својата поддршка за Израел и своето восхитување кон Трамп, опишувајќи го неговото членство во одборот како чест.
„Потребни се институции што имаат волја, како и капацитет да ги спроведуваат правилата. Долготрајниот мир не се заснова врз компромиси што отстапуваат од фундаменталните принципи; тој се гради врз одлучноста за нивна одбрана“, додаде тој.