Seyit Aydoğan
02 Јули 2021•Ажурирај: 03 Јули 2021
ТОРОНТО (АА)
- СЕЈИТ АЈДОГАН
Членот на Конференцијата на канадски католички бискупи и архиепископ на Реџина, Доналд Болен, во врска со тврдењата дека биле палени трупови на деца во интернатите во црковните училишта во неговата земја, нагласи: „Јас сум навистина шокиран. Никогаш не сум чул за палење на телата на мртвите деца, но оваа тема мора да се истражи. Те молам Боже, ова да не е точно.“
Архиепископот Болен, претставник на Католичката црква, кој управува со интернационалните црковни училишта во Канада, одговори на прашањата на дописникот на АА.
Болен, во интервјуто преку видеоконференција, изрази длабоко жалење за она што се случувало.
Во врска со тврдењето дека телата на мртвите деца биле палени во крематориумот во Интернатот „Мохавк“ во градот Брантфорд, Болен рече:
„Бев шокиран од тврдењето дека телата на децата биле палени. Навистина бев шокиран. Никогаш не сум чул за палење на телата на мртвите деца, но оваа тема мора да се истражи. Те молам, Боже, ова да не е точно.“
Нагласувајќи дека е длабоко тажен од она што се случило, архиепископот Болен рече: „Во тоа време постоеше колонијален менталитет кој владееше со интернатите што ги предложи Владата. Многу цркви беа соучесници во ова, вклучувајќи ја и Католичката црква, која ги земаше децата од своите домови на многу рана возраст. Сега жалиме што малите деца беа одведени од нивните домови и лишени од нивните семејства, јазик, култура и духовност.“
Нагласувајќи дека сѐ уште постои болна историја на малтретирање, Доналд Болен додаде:
„Значи, овој дел од нашата историја кој создава болки, сега како Влада и црква траба да го прифатиме и треба да работиме за да ги подобриме работите. Училиштата се отворија за едукација на домородците, но тоа беше образование со асимилација. Многу од тие деца не припаѓаа на нивната култура, јазик или духовност кога се вратија дома. Ова, исто така, стана генерациска траума и наследство. Колонијалната европска култура е одговорна за она што се случуваше во училиштата. Она што е направено е спротивно на учењето на христијанството.“
- „Земјата ќе треба долго време да се справува со овој проблем“
Потсетувајќи дека водачите на домородните народи ќе се сретнат со папата Франциск, духовниот водач на Католичката црква, во Ватикан во декември, Болен рече:
„Домородните народи сакаат папата Франциск да се извини, и веројатно ќе го поканат да ја посети Канада. Не можам да зборувам во име на Папата, но тој дојде во Боливија пред неколку години и им се извини на домородните народи во Северна Америка за тоа како колонијалната традиција ги уништи нивните животи, им го одзеде јазикот, духовноста и културата. Како ќе одговори на тоа, зависи од него, но еден проблем ако траел 100 или 120 години, не може да се реши за неколку дена или со една посета. Земјата ќе мора да се справи со овој проблем за долго време.“
- „Пред нас е многу долг пат за да се стигне до помирувањето“
Во врска со палењето на црквите во Канада, Болен рече: „Ова е израз на длабок гнев во домородните заедници. Заедницата нема ништо против црквите. Ние, исто така, не знаеме дека пожарите всушност ги подметнале домородните луѓе, но знаеме дека во моментов има голем гнев.“
Нагласувајќи дека има многу работи да се направат, архиепископот Болен рече: „Ние мора јасно да разбереме што точно е направено, да ги видиме грешките и јасно да се извиниме. Ние мора да се солидаризираме со домородното население во потрагата по правда. Треба да ги послушаме со почит. Пред нас е навистина многу долг пат за да се стигне до помирувањето.“