Bahattin Gönültaş
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
БЕРЛИН (АА) - Покраинската Влада во Берлин најави воведување ограничувања кога станува збор за продажба на станбени единици на странски државјани во тој дел на Германија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Целиот недвижен имот во Берлин е во пораст веќе неколку години, а премиерот на покраинската Влада, Михаел Милер, изјави дека планира да воведе мерки кои ќе им овозможат на германските државјани полесно да го решат станбеното прашање.
Тој за весникот „Алгемајне цајтунг“ („Allgemeine Zeitung“) изјави дека ресорното Министерство за финансии веќе направило анализа на состојбата на пазарот.
„Во тој контекст неодамна Нов Зеланд воведе добри мерки, а и ние размислуваме да го сториме истото“, порача Милер.
Поради сè поголемиот број доаѓања на богати имигранти, Владата на Нов Зеланд на почетокот од овој месец воведе забрана за продажба на недвижен имот на странски лица кои не поседуваат дозвола за престој во таа пацифичка земја.
Според последните достапни податоци, странците во Берлин купија 68 отсто од вкупниот број продадени станбени единици во 2015 година. Тоа е пет пати повеќе во однос на уделот на странци во купувањето берлински станови во 2009 година.
Во главниот град на Германија живеат околу четири милиони жители, а консултантските компании го гледаат како втор најатрактивен пазар на недвижнини, веднаш по Лондон.
Во цела Германија странските инвеститори во просек имаат удел од 40 отсто во купување станбен, и 60 отсто во купување деловен недвижен имот.