Hakan Çopur
13 Мај 2021•Ажурирај: 14 Мај 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој имаше телефонски разговор со палестинскиот претседател Махмуд Абас, истакна дека тензиите кои продолжуваат во регионот треба да се намалат и насилствата да престанат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, наведе дека во телефонскиот разговор помеѓу Блинкен и Абас се разговарало за последните случувања во регионот.
„Министерот Блинкен и претседателот Абас разговараа за насилствата во Кудс (Ерусалим), Западниот Брег и Газа. Министерот изрази сочувство за оние кои ги загубија своите животи како резултат на насилствата“, се истакнува во соопштението.
Блинкен, кој директно не се осврна на нападите на Израел кои предизвикаа смрт на многу палестински цивили, вклучително и деца, во телефонскиот разговор со Абас ги осуди ракетните напади врз Израел и рече дека тензиите треба да се намалат и насилствата да престанат.
Според соопштението, Блинкен исто така изрази уверување дека Палестинците и Израелците заслужуваат да живеат во взаемна слобода, достоинство, безбедност и просперитет.
Меѓу другото, во телефонскиот разговор Блинкен ги упатил своите честитки до Абас по повод Рамазан Бајрам.
Во нападите на Израел врз различни делови на Газа кои започнаа во понеделникот, 10 мај, загинаа 67 Палестинци, од кои 17 деца, 6 жени и едно постаро лице, а повредени се 388 лица.
Ракетите истрелани од Појасот Газа кон Израел предизвикале смрт на 7 лица, додека 54 лица се повредени.