Ekip
17 Август 2020•Ажурирај: 17 Август 2020
ЛОНДОН
Велика Британија денес објави дека ги отфрла резултатите од неодамешните белоруски претседателски избори, осудувајќи ги актите на насилство од страна на властите на таа земја врз мирните демонстрации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Британскиот секретар за надворешни работи, Доминик Рааб изјави: „Светот со ужас гледаше на насилството што го спроведоа белоруските власти за да ги задушат мирните протести што следуваа по овие измамнички претседателски избори. Велика Британија не ги прифаќа резултатите.“
„Итно ни треба независна истрага преку ОБСЕ за недостатоците што ги направија изборите неправедни, како и за жестоката репресија што следуваше“.
Раб нагласи дека Велика Британија ќе работи со меѓународните партнери на санкционирање на оние кои се одговорни за изборите и насилството и ќе ги сметаат белоруските власти за виновни.
Централната изборна комисија на Белорусија ги објави конечните резултати во петокот, според кои актуелниот претседател Лукашенко победил на изборите со 80,1 отсто од гласовите, додека лидерката на опозицијата, Светлана Тихановскаја, се најде на второто место со освоени 10,12 отсто од гласовите.
Оттогаш, десетици илјади луѓе излегоа на улиците во главниот град Минск извикувајќи пароли против претседателот Александар Лукашенко, и носејќи црвени и бели знамиња што Белорусија ги користеше пред 1995 година.