Ahmet Gürhan Kartal
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Кризата меѓу разузнавачките агенции на Велика Британија и САД се продлабочи денес, како резултат на објавата дека британските безбедносни агенции престанале со споделување на одредени информации со своите американски колеги, јави BBC (Би-би-си), пренесува Anadolu Agency (AA).
Полицијата во Манчестер споделила детали од истрагата со британската национална единица за борба против тероризмот, пред тие да бидат пренесени на агенциите на САД, Австралија, Канада и Нов Зеланд, во согласност со договорот за размена на разузнавачки информации, наречен „Пет очи“.
Но, според објавата на BBC утринава, протокот на информации од Велика Британија во САД неочекувано беше прекинат откако разузнавачки информации за бомбашкиот напад во Манчестер повеќепати протекоа во американските медиуми, и покрај предупредувањата од високите претставници на Велика Британија .
Британски безбедносни лица вчера упатија остра критика до американските разузнавачки служби поради тоа што дозволија да протечат детали од истрагата од Манчестер.
Се очекува британската премиерка Тереза Меј да му ја предочи загриженоста на Обединетото Кралство во врска со тоа, на американскиот претседател Доналд Трамп, за време на денешниот Самит на НАТО во Брисел.
- Протекување на информациите -
Американските новинари, очигледно користејќи го протекувањето на информациите од американски претставници, беа во можност да објават најнови детали од истрагата во врска со еден од најтешките терористички напади во Велика Британија, само неколку часа откако британската министерка Амбер Руд го изрази своето разочарување поради откривањето на идентитетот на главниот осомничен.
„The New York Times“ (Њујорк тајмс), исто така, објави осум фотографии од она што се сметаше како доказ преземен од страна на британските екипи за вештачење откако бомбашот-самоубиец го активираше уредот во предниот дел на „Манчестер арена“.
Во нападот загинаа најмалку 22 лица. Осумтемина осомничени во моментов се наоѓаат во притвор.
Весникот не даде објаснување како се добиени тие фотографии. Излегувањето на информациите во јавноста „ја поткопува нашата истрага“, истакна Националниот совет на шефови на полицијата на Велика Британија, во вчерашното соопштение.
„Оваа штета е уште поголема кога се работи за неовластено откривање на потенцијални докази среде голема истрага за борба против тероризмот“, истакна Советот.
Понатаму, се додава дека ги ценат односите со „доверливите разузнавачки служби, спроведувачите на законот и безбедносните партнери од целиот свет“, што придонесува за споделување на „привилегирани и чувствителни информации“ во врска со борбата против тероризмот.
„Кога таа доверба е прекршена, ги поткопува овие односи, и ја поткопува нашата истрага и должноста кон жртвите, како и довербата на сведоците и нивните семејства“, се додава во соопштението.
- Идентитетот на бомбашот-самоубиец -
Во вторникот, американски медиуми го открија идентитетот на Салман Абеди како главен осомничен за нападот, и покрај претпазливоста на британските безбедносни служби во однос на тајноста на тековната истрага.
Британските медиуми го објавија идентитетот на Абеди само откако тој беше објавен од страна на полицијата на Манчестер, неколку часа подоцна.
Руд го опиша протекувањето на информациите како иритирачко и истакна дека таа јасно им стави до знаење на САД дека тоа не смее да се случи повторно. И покрај тоа, фотографиите објавени во „New York Times“ (Њујорк тајмс) дојдоа неколку часа по нејзините критики.
Британските безбедносни извори истакнаа дека фокусот на нивната истрага сега е ставен на терористичката мрежа, која може да има уште членови кои претставуваат висок ризик за британската јавност.