ЛОНДОН
Статуата на британскиот трговец со робови од 18 век, Роберт Милиген, е отстранета од дворот на Музејот „Доклендс“ во Лондон, кратко време по дадената изјава на нејзините сопственици, јавува Агенција Анадолија (АА).
Потегот е направен по зголемените негативни реакции за статуите на лица што биле вклучени во трговијата со робови, паралелно со протестите што започнаа по убиството на Џорџ Флојд.
„Canal and River Trust“ претходно изјави дека работи на тоа да се отстрани статуата што е можно поскоро.
Ваквиот потег следуваше по одлуката на градоначалникот на Лондон, Садик Кан, да се разгледаат повторно обележјата на Лондон за да се одрази разноликоста на градот.
Советникот на „Тауер Хамлетс“, Еташам Хаке, неодамна постави петиција преку интернет за отстранување на статуата, и доби повеќе од 1.000 потписи во првите 24 часа.
Хаке во разговор со АА изјави дека отстранувањето на статуата претставувало нивен придонес во кампањата за правда за Џорџ Флојд.
„Ја отстранивме статуата на трговецот со робови Роберт Милиген, кој во времето кога почина во 1809 година имаше 526 робови“, изјави тој.
Хаке рече дека статуата била сè уште таму, така што луѓето „треба да ја научат историјата од неа“, додавајќи дека таа била поставена во знак на слава на таа личност.
„Па така таа нема значење за цивилизираното општество во 21 век“, рече тој.
Хаке рече дека е задоволен кога видел дека статуата е отстранета на мирен начин.
- Можност за отстранување и на други статуи во градот -
Кан вчера изјави дека новоформираната комисија може да препорача отстранување и на некои други статуи во главниот град.
„Тоа е непријатна вистина дека нашиот народ и градот должат голем дел од своето богатство на својата улога во трговијата со робови и додека тоа се прикажува во нашиот јавен простор, придонесот на многумина од нашите заедници за животот во нашиот главен град, со намера се игнорира. Ова не може да продолжи“, изјави Кан.
„Ние мора да се погрижиме да ги славиме достигнувањата и разноликоста на сите во нашиот град и да ги одбележуваме оние што го направија Лондон тоа што е - тоа вклучува и поставување прашања во врска со тоа кои оставени наследства треба да се слават“, додаде тој.
Кан изјави дека протестите „Животите на црномурните луѓе се важни“, со право го привлекле вниманието на јавноста и додаде дека е важно да работат заедно на тоа да се донесат промени и да бидат горди на своите обележја.
Комисијата за разноликост во јавниот простор ќе разгледува мурали, улични уметности, имиња на улици, статуи и други споменици и ќе разгледа кои наследства треба да се слават пред да дадат препораки.
Некои демонстранти во Лондон нацртаа графити на статуата на сер Винстон Черчил на Плоштадот на Парламентот во текот на викендот.
Британскиот премиер Борис Џонсон ги осуди ваквите дејствија кон статуите и спомен-обележјата, вклучувајќи го и Кенотафот во Вајтхол, опишувајќи ги како насилство од страна на малцинството кое ги нарушува протестите во врска со смртта на Џорџ Флојд.
Секретарот за внатрешни работи, Прити Пател, рече дека соборувањето на статуата на трговецот со робови Едвард Колстон во Бристол во неделата било „крајно срамно“ и дека ги „поткопува“ антирасистичките протести, и нареди истрага за инцидентот.
- Трговија со робови во Велика Британија -
Трговијата со робови во Велика Британија беше вообичаена практика меѓу разните благородници и трговци меѓу 16 и 19 век, а многу статуи во главниот град можат да бидат поврзани со таквата трговија.
Стотици илјади црномурни луѓе беа купени и продадени на пазарите за робови низ целата земја и во нејзините колонии.
Португалија и Велика Британија беа двете „најуспешни“ земји во трговијата со робови, со околу 70 отсто од сите Африканци пренесени во Америка, според националните архиви.
Британија беше доминантна во периодот меѓу 1640 и 1807 година, кога британската трговија со робови беше укината.
Се проценува дека Велика Британија транспортирала 3,1 милиони Африканци во британските колонии на Карибите, Северна и Јужна Америка и во други земји, а околу 400.000 од нив никогаш не го завршиле патувањето поради фактори како што се дехидрираност, заболување и нехумани услови, како и поради пренаселеност.