Aysu Biçer
22 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
ЛОНДОН (АА) - Супермаркетите низ Велика Британија се соочуваат со празни полици и проблеми во снабдувањето со свежи производи, што доведе до рационирање на овошјето и зеленчукот во некои синџири како што се „Асда“ и „Морисонс“, јавува Анадолу.
Ограничувања се поставени на одредени овошја и зеленчуци како домати, краставици, зелена салата, пиперки, брокула, карфиол и малини.
„И покрај нашите предупредувања, сè уште гледаме празни полици во малопродажба. Никогаш не треба да ја земаме здраво за готово нашата обезбеденост со храна Тоа значи да се осигураме дека нашата храна е безбедна за јадење, имаме ефикасна дистрибуција и останува прифатлива“, рече Минет Батерс, претседател на Националниот сојуз на фармери.
Британската Влада соопшти дека сегашните проблеми со снабдувањето главно биле предизвикани од студеното време во Мароко и Шпанија, што влијаело на производството и транспортот на овошјето и зеленчукот.
Сепак, Батерс вели дека недостигот од зеленчук е забележливо и поради високите цени на енергенсите, кои ја прават работата на некои одгледувачи неекономична.
Многу фармери во Велика Британија, наводно, помалку ги користат загреаните оранжерии поради повисоките трошоци за енергија, што дополнително влијаеше на достапноста на локално одгледуваните производи.
Овој недостиг на производи во Велика Британија ги влошува проблемите со снабдувањето, што доведува до рационирање на овошјето и зеленчукот во некои британски супермаркети.
Министерот за земјоделство, Марк Спенсер, ја повика јавноста да не купува панично, додека Владата истражува начини за поддршка на британските земјоделци и зголемување на понудата на домашни производи.