Diyar Güldoğan
08 Октомври 2024•Ажурирај: 08 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 50 Палестинци се убиени, а десетици се повредени во израелските напади на многу точки во Појасот Газа, според здравствени извори, јавува Анадолу.
Израелската Армија продолжи со нападите во северниот, јужниот и централниот дел на опколената енклава на првата годишнина од војната меѓу Израел и Хамас.
Здравствени извори соопштија дека тројца Палестинци биле убиени во напад на беспилотно летало врз шатор во близина на џамијата Ал-Фуркан во бегалскиот камп Бурејџ во центарот на Газа. Петмина Палестинци загинаа, а 18 се повредени во два одвоени воздушни напади на други локации во кампот.
Други 16 Палестинци се убиени во одделни напади на исток и запад на Кан Јунис.
Во градот Рафа, осум Палестинци се убиени во напад на израелските воени авиони во градот Рафа, а цел била дом во подрачјето на Мираџ, а еден Палестинец е убиен во напад во областа Хирбет ал Адес.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот, по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 42.000 луѓе, главно жени и деца, а над 97.100 се повредени.
Израелската офанзива го расели речиси целото население на територијата поради тековната блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.