Talha Yavuz
06 Април 2021•Ажурирај: 06 Април 2021
КИЕВ (AA) - Двајца украински војници ги загубија животите вчера од истрелите на проруските сепаратисти во регионот Донбас, на истокот на Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објавија Украинските вооружени сили се наведува дека сепаратистите 7 пати го прекршиле прекинот на огнот.
Се истакнува дека двајца украински војници кои биле сериозно ранети од истрелите на сепаратистите во областа Авдијивка и Золотоје во Донбас, починале во болницата во која биле пренесени.
- Напнатост на украинско-руската граница -
Началникот на украинскиот Генералштаб, Руслан Хомчак, во своето обраќање пред Парламентот на Украина на 30 март соопшти дека Русија испратила свои воени трупи на границата со Украина под изговор за воена вежба.
Од 2014 година досега, над 13.000 луѓе ги загубија животите во судирите меѓу администрацијата на Киев и проруските сепаратисти, кои прогласија таканаречена независност во регионот.
Во врска со решавањето на кризата во регионот Донбас, Трилатералната контакт-група, составена од Русија, Украина и ОБСЕ, донесе сеопфатна одлука за прекин на огнот на 27 јули 2020 година.