ВАШИНГТОН (АА) - Во Соединетите Американски Држави (САД) бројот на масовни оружени напади во последните седум месеци го достигна нивото од 2018 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави новинската агенција „Асошиејтед прес“ (Associated Press), во рамките на заедничкото истражување на Универзитетот „Нортистерн“ и весникот „Ју Ес Еј тудеј“ (USA Today), објавен е извештај за масовните оружени напади во земјата.
Споделувајќи ги бројките по години, во извештајот се истакнува дека особено во последните три години се забележува сериозно зголемување на ваков вид напади и смртни случаи.
Според извештајот, во 2017 година извршени се 32 масовни оружени напади во кои животот го загубија 225 лица. Во 2018 година извршени се 25 напади, а во нив животот го загубија 140 лица.
Во извештајот се наведува дена на пет месеци пред крајот на оваа година извршени се 23 масовни оружени напади во кои се убиени 131 лице. Оваа бројка е речиси идентична со бројките од 2018 година.
- Голема улога насилството во семејството -
Од друга страна, во извештајот се наведува дека за да се користи терминот „масовни оружени напади“ потребно е, не сметајќи ги напаѓачите, животот да го загубат најмалку 4 лица, и се истакнува дека ваквиот вид напади главно се случуваат по семејно насилство.
На оваа тема свој коментар даде поранешниот американски федерален детектив Дејвид Чипмен, кој вели „По семејно насилство или недостиг на хармонија, напаѓачите кои убиле член на семејството главно покажуваат тенденција да убијат и луѓе од својата околина. Најризичните пријави со кои се соочуваат полицајците главно се пријавите за семејно насилство.“
- Млади напаѓачи -
Според извештајот, во поголемиот дел од масовните оружени напади извршители се „млади и бели мажи“, со просечна возраст од 28 години.
Покрај тоа, во извештајот се наведува дека во масовните напади извршени од 2006 година досега, во 16 напаѓачите биле на возраст под 21 година и дека во повеќето од половината на ваквите напади, извршителите починале на самото место.
Френк Фарли, професор на Университетот „Темпл“, на оваа тема изјави „Поголемиот дел од овие лица ги извршуваат нападите претпоставувајќи дека ќе загинат за време на нападот. Дури и да не бидат убиени, извршуваат самоубиство на самото место.“
- Последните напади -
Во нападот што изминатиот викенд беше извршен во еден трговски центар во американскиот град Ел Пасо во сојузната држава Тексас, животот го загубија 22 лица, а 26 беа ранети.
Неколку часа подоцна во сојузната држава Охајо извршен е друг оружен напад во близина на еден бар во градот Дајтон. Во нападот убиени се 9 лица.
Според истрагата што ја спроведоа американските безбедносни единици, издадено е соопштение дека и двата напада се мотивирани од „бел расизам“, а нападот во Тексас е квалификуван како „внатрешен тероризам“.