Nezir Aliyev
08 Август 2019•Ажурирај: 10 Август 2019
БИШКЕК (АА) – Поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбајев, е приведен од страна на безбедносните сили, кои по вторпат започнаа операција за приведување на поранешниот претседател во неговиот дом, јавува Anadolu Agency (AA).
Безбедносните сили во текот на денот пристигнаа пред домот на Атамбајев, во селото Таш во подрачјето на Чуј, кое се наоѓа во јужното подрачје на киргистанскиот главен град Бишкек.
Според очевидците, шестмина припадници на безбедносните сили кои вчера беа задржани како заложници се ослободени, а безбедносните сили влегле на земјиштето каде што се наоѓа куќата на Атамбајев со шок бомби.
На видео-снимките објавени на социјалните мрежи се забележува дека стотици меѓу кои и голем број жени, покажаа отпор против безбедносните сили пред куќата на Атамбајев.
Полицијата пред почетокот на операцијата ги затвори сите патишта кои водат кон селото Таш, додека на пешаците и возилата не им дозволуваше да влезат во подрачјето во кое се наоѓа куќата на поранешниот претседател Атамбајев.
Во ова подрачје исто така е прекинат телефонскиот и интернет сигналот . Меѓу граѓаните и полицијата одвреме навреме се случуваа судири.
Во меѓувреме, актуелниот претседател, Соронбај Џенбеков, имаше обраќање во Собранието на вонредната седница под водство на претседателот на парламентот, Дастанбек Џумабеков.
„Ова не е расправа меѓу две лица. Ова е правна борба со посебна волја која личните интереси ги поставува над интересите на државата“, рече тој.
- Загина еден безбедносен службеник -
Во операцијата која се случи врз домот на Атамбајев и неговите поддржувачи, животот го загуби еден безбедносен службеник, додека началникот на регионалната полиција се наоѓа во кома.
Бројот на повредени лица за време на рацијата изнесува 45, од кои 25 се безбедносни службеници.
- На 27 јуни беше укинат имунитетот на поранешниот претседател Атамбајев -
Имунитетот на поранешниот претседател Атамбајев беше укинат на 27 јуни од страна на Собранието.
Операцијата врз куќата на Атамбајев беше извршена бидејќи беше донесена одлука за негово приведување со цел да биде испрашуван во рамки на истрагата за нелегалното ослободување на водачот на мафијата Азиз Батукајев во 2013 година.
Безбедносните сили изутрина ја прекинаа операцијата, и се оддалечија од оваа зона.
Атамбајев функцијата претседател ја извршуваше во периодот меѓу 2011 и 2017 година.