Nilay Kar
10 Февруари 2019•Ажурирај: 11 Февруари 2019
ПАРИЗ (АА) - Еден Французин е повреден за време на насилните судири во Париз, додека протестите на „Жолтите елеци“ продолжуваат и 13. викенд по ред, јавува Anadolu Agency (AA).
Граната со солзавец му ја разнесе раката на демонстрант за време на насилните судири меѓу полицијата и демонстрантите во близина на зградата на Парламентот во францускиот главен град.
Според бројките на француската Влада, на вчерашните протести низ земјата учествувале околу 51.400 луѓе, од кои 4.000 во Париз.
Безбедносните сили уапсија најмалку 53 демонстранти во различни делови на земјата.
Од 17 ноември илјадници демонстранти, носејќи светложолти елеци се собраа во големите француски градови, вклучувајќи го и Париз, во знак на протест поради спорните даноци за гориво на претседателот Емануел Макрон и влошената економска ситуација.
Демонстрантите одржуваат протести, блокирајќи ги патиштата, како и влезовите и излезите на бензинските пумпи и фабриките низ целата земја.
Протестите прераснаа во едно пошироко движење насочено кон справување со нееднаквоста во приходите, а се бара и да им се даде на граѓаните посилен глас при донесувањето на одлуките на Владата.
Во протестите досега животот го загубија најмалку 10 лица, околу 6.000 се приведени, а над 2.000 се повредени.
Протестите започнаа во Франција, но се проширија и во други европски земји, вклучувајќи ги Шведска и Холандија.