Faruk Zorlu
22 Октомври 2023•Ажурирај: 23 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Најмалку 6 лица загинаа, а 14 се повредени во рускиот ракетен напад на поштенскиот центар во украинската област Харков, соопштија локалните власти ова утро, известува Анадолу.
„Руската војска во текот на ноќта го гаѓаше центарот Новаја пошта во областа Харков“, објави на социјалната мрежа Телеграм, Олех Синјехубов, началник на локалната воена администрација за областа Харков.
Тој наведе дека во нападот загинале 6 лица, а 14 се ранети, меѓу кои има и неколку лица кои се во критична здравствена состојба. Синјехубов рече дека е укажана сета неопходна медицинска помош.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, ја нагласи потребата од зголемување на притисокот врз Русија, наведувајќи дека поштенскиот центар е обичен цивилен објект.
„На рускиот терор треба да одговориме секојдневно со свои резултати на првите линии на фронтот. Неопходно е уште повеќе да го зацврстиме единството на светот во борбата против теророт. И ние тоа го правиме. Русија нема да може да постигне ништо со терор и убиства. Крајот за сите терористи е ист: одговорност за она што го сториле“, наведе Зеленски на Телеграм.