İbrahim Hakkı Çetinkaya
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
АНКАРА (АА) - Петмина полицајци во американската сојузна држава Оклахома се обвинети за убиство на 15-годишниот Ставиан Родригез на бензинска станица каде што пристигнале по дојава за грабеж, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителот во Оклахома, Дејвид Прејтер, истакна дека шест полицајци пристигнале на местото на настанот по пријавата за оружен грабеж во маркет на бензинска пумпа на 23 ноември, во главниот град на државата, Оклахома.
Вилијард Пејџ, еден од членовите на истражниот тим на обвинителот Прејтер, истакна дека пет од вкупно шестемина полицајци кои пристигнале на местото на настанот, непотребно го користеле оружјето и пукале кон Родригез со вистински куршуми, додека еден од полицајците користел куршуми што не се смртоносни.
Пејџ, истакнувајќи дека на аутопсијата од телото на Родригез биле извадени 13 куршуми, рече дека петтемина полицајци се обвинети за убиството на Родригез.
- Полициските службеници можат да бидат осудени на доживотен затвор -
Шефот на Полицискиот оддел во Оклахома, Џон Џорџ, во изјавата во која ги брани полицајците, рече дека во согласност со обуката која ја добиваат за вакви случаи, полицијата мора да донесе одлуки за многу кратко време.
Наведувајќи дека полицијата во кој било инцидент не сака да има загуба на животи, Џорџ рече дека осомничениот за оружен грабеж, Родригез, не ги почитувал наредбите и дека петтемина полицајци ја сфатиле заканата и затоа истовремено пукале со оружјето.
Џорџ исто така додаде дека тоа се причините зошто Полициската управа во Оклахома стои до петтемина полицајци и инсистира дека дејствувале во рамките на законите.
Меѓу другото, се наведува дека обвинетите полицајци Бетани Сирс, Џаред Бартон, Кори Адамс, Џон Скута и Бред Пембертон може да бидат осудени на доживотен затвор доколку бидат осудени, додека Сара Чарли, која користела куршуми што не се смртоносни, нема да биде обвинета.
Мајката на Родригез поднесе тужба минатиот месец. Од друга страна, Полициската управа објави и снимки од камерите врз полицијата за време на инцидентот.