Faruk Zorlu
02 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Турција ќе присуствува на утрешниот состанок на ниво на министри на Организацијата за исламска соработка (OIC) во Саудиска Арабија, на кој ќе се разговара за израелско-палестинскиот конфликт, соопшти Министерството за надворешни работи на Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе учествува на „вонредниот состанок на Организацијата за исламска соработка (OIC), на ниво на министри што ќе се одржи утре во Џеда, по барање на државата Палестина, со цел да се разговара за најновите настани во врска со израелско-палестинскиот конфликт“, се вели во соопштението.
На маргините на состанокот Чавушоглу ќе одржи билатерални средби со неговите колеги од земјите членки на Организацијата за исламска соработка.
„Организацијата утре ќе одржи вонреден состанок на ниво на министри за надворешни работи во седиштето на Генералниот секретаријат во Џеда, Саудиска Арабија“, соопшти Организацијата преку Твитер, додавајќи дека ќе се разговара за ставот на Организацијата во однос на таканаречениот „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во вторникот го објави својот наводен план за ставање крај на израелско-палестинскиот конфликт во Белата куќа заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, без присуство на палестински официјални претставници.
Таканаречениот „Договор на векот“ еднострано ги поништува претходните резолуции на ОН за палестинското прашање и предлага на Израел да му се даде речиси сè што бара.