Nour Mahd Ali Abu Aisha,Muhammed Semiz
10 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
ГАЗА
Во Газа, која е под израелска блокада, се одржа настан за солидарност за да се привлече вниманието на тешкотиите со кои се соочуваат палестинските деца сирачиња, јавува Агенција Анадолија (АА).
Учесниците на настанот, организиран од Палестинската асоцијација за сирачиња „Дарул“, носеа транспаренти на кои пишуваше „Вратете ги насмевките на лицата на сираците“.
Мухамед Мукбил, претставникот на Здружението, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека илјадници сирачиња во Појасот Газа живеат во тешки хуманитарни и економски услови.
Мукбил, посочувајќи дека помошта што им се дава на организациите кои работат со децата без родители престанала неодамна, рече дека со таа помош се обезбедува здравствена и психолошка поддршка за сирачињата.
Истакнувајќи дека училишната година ќе започне за кратко време, Мукбил рече дека мајките немаат можност да им купат на своите деца училишни униформи и школски прибор.
Мукбил, исто така, ги повика меѓународните организации да им помогнат на сирачињата во Газа.
Според податоците на палестинското Министерство за социјален развој, има 20.000 сирачиња кои ги загубиле своите татковци поради израелските напади во Појасот Газа.
Израел го блокираше Појасот Газа, каде што живеат речиси 2 милиони Палестинци, од копно, воздух и море, откако Хамас победи на изборите во 2006 година.
Нападите што ги започна Израел врз опколениот Појас Газа на 10 мај, завршија на 21 мај, по договореното примирје постигнато со Хамас. Од 10 мај, влезот и излезот од Газа е строго ограничен.