Erbil Başay
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
БЕРЛИН (АА) - Во Германија во 2016 година влегле 280.000 мигранти, што е помалку отколку во 2015 година, кога во земјата влегле 890.000 мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер и претседателот на Сојузната служба за миграција и бегалци (BAMF), Франк-Јурген Веисе одржаа прес-конференција на која разговараа за мигрантите во таа земја.
Мезиер изјави дека бројот на мигранти значително се намалил во однос на 2015 година и потсети на договорот за реадмисија на бегалците постигнат во март 2016 помеѓу Турција и ЕУ. Според него, мерките што се преземени од страна на германските и европските власти се покажаа како успешни.
И покрај тоа што е намален бројот на мигранти кои дојдоа минатата година во Германија, зголемен е бројот на оние кои аплицирале за азил, но Мезиер вели дека причината е тоа што и мигрантите кои пристигнале порано сега бараат азил.
Германскиот министер истакна дека е подобрен системот за регистрирање на мигрантите со што е намалена можноста од негова злоупотреба.
„Минатата година, 55.000 лица доброволно се вратиле во земјата од каде што дошле, а околу 25.000 од нив беа депортирани“, рече Мезиер. Тој потсети дека во 2014 година 14.000 мигранти доброволно ја напуштиле земјата, додека во 2015 година тој број се зголемил на 35.000.
Мезиер потсети дека во Германија има проекти за адаптација на мигрантите кои живеат во земјата, додавајќи дека мигрантите кои имаат намера да останат во Германија мора да ги посетуваат тие курсеви.
Тој, исто така побара развој на заеднички систем за азил во Европската Унија (ЕУ).
Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во Германија пристигнале 89.000 бегалци од Сирија, 48.000 имигранти од Авганистан, 45.000 од Ирак, 13.000 од Иран и 12.000 од Еритреја.
Оттаму информираат дека во декември 2016 година азил побарале 3.402 бегалци од Сирија, 1.904 од Авганистан, 1.692 од Ирак, 1.646 од Еритреја, 781 од Иран, 706 од Албанија, 675 од Србија, 658 од Сомалија, 621 од Нигерија и 548 од Турција.