Recep Şakar
06 Јуни 2020•Ажурирај: 06 Јуни 2020
МЕЛБУРН
Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците низ австралиските градови во знак на протест против убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, но и убиството на Абориџините во затворите во земјата, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Граѓаните преку протестите реагираа на расистичката и дискриминаторска политика во Австралија и Соединетите Американски Држави (САД).
Четиричасовниот протест започна пред зградата на Парламентот во Мелбурн. Насобраните граѓани потсетија дека од 1991 година до денес во австрализските затвори починале повеќе од 430 Абориџини.
И покрај забраната за собирање на повеќе од 50 лица поради новиот вид коронавирус, на улиците излегоа околу 30.000 граѓани извикувајќи пароли „Не можам да дишам“ и „Животот на црнците е важен“.
Носеа и транспаренти на кои пишуваше „Животот на Абориџините е важен“, „Доста е“, „Запрете ја полицијата“, „Ние сме со тебе“ ...
Флојд беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, САД, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеата од бруталното апсење беа објавени на социјалните мрежи.
Полицијата го привела со лисици и го турнала на земја, а еден од нив, полицаецот Дерек Шаувин, го притиснал коленото на вратот на Флојд. Тврдеа дека тој се спротивставувал на апсењето. Против Чаувин е поднесено обвинение за убиство од втор степен, додека други тројца полицајци се обвинети за помагање при извршување на делото.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати велел дека не може да дише, полицаецот не го тргнал коленото од вратот. Набргу потоа, Флојд изгубил свест, а полицаецот и понатаму ја задржал истата позиција кон жртвата. Флојд починал набргу откако бил хоспитализиран.
Смртта на Флојд предизвика бран протести против полициската бруталност и расната дискриминација, кои во многу американски градо прераснаа во насилни.