Ahmad Bentaher
27 Септември 2023•Ажурирај: 28 Септември 2023
РАБАТ (АА) - Мароко соопшти дека само неколку недели по разорниот земјотрес кој ја потресе земјата на 8 септември, донациите на специјалната банкарска сметка за погодените достигнале околу една милијарда долари, јавува Анадолу.
„Вкупниот износ на донациите достигна 10 милијарди дирхами (околу една милијарда долари) две недели по отворањето на специјалната сметка“, рече Абделатиф Џуахри, гувернер на Централната банка на Мароко, на прес-конференцијата во главниот град Рабат.
„Откако ќе станат јасни финансиските потреби предизвикани од земјотресот, ќе одлучиме за најдобриот тип финансирање: државниот буџет, фондот за земјотреси или меѓународното финансирање“, рече Џуахри.
Тој, исто така, истакна дека Мароко може да преговара со Меѓународниот монетарен фонд за да добие финансии за справување со катастрофи „во вредност од 600 милиони долари“.
„Прерано е да се знае точниот износ потребен за санирање на последиците предизвикани од земјотресот, мора да почекаме барем до крајот на годината“, додаде тој.
Мароканската Влада на 10 септември најави формирање на посебни банкарски сметки за собирање донации од граѓаните и бизнисите за да се обезбеди помош за погодените.
Мароканската кралска палата на 14 септември соопшти дека 50.000 куќи се урнати целосно или делумно од смртоносниот земјотрес.
Во соопштението, палатата истакнува дека директна финансиска помош од 140.000 дирхами (околу 14.000 американски долари) ќе биде доделена за целосно урнатите згради и 80.000 дирхами (околу 8.000 долари) за делумно урнати куќи.
Речиси 3.000 луѓе загинаа, а многу други беа повредени кога земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтер, најсилен досега, ја погоди северноафриканската земја на 8 септември, според последните официјални податоци.