АНКАРА (АА) - ЗЕХРА УЛУЏАК -
И по три години од масакрот на цивилите во мјанмарската држава Аракан од страна на армијата на Мјанмар на 25 август 2017 година, со образложение дека се води борба против вооружени милитанти, страдањето на араканските муслимани не престанува, пишува Агенција Анадолија (АА).
Араканските муслимани со години се подложени на систематски прогон. Од неодамна претрпуваат загуби и во судирите меѓу Армијата и етничките вооружени групи во државата.
Во Аракан, заради вооружените судири меѓу Армијата на Мјанмар и Араканската будистичка армија, која спроведува вооружени акции во покраината со барање за автономија, муслиманите се соочуваат и со многу проблеми од областа на економијата, политиката, безбедноста, здравството и човековите права.
Во извештајот за состојбата со човековите права на муслиманите во Аракан прочитан на 44-та седница на Советот за човекови права на ОН што се одржа во Женева во јуни, комесарката на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Мишел Бачелет, истакна дека нема подобрување на состојбата со човековите права на араканските муслимани во Мјанмар, и дека нивните села и понатаму се палат.
Посочувајќи дека тековните конфликти во државата Аракан негативно влијаат врз сите заедници во регионот, Бачелет истакна дека сè уште не постојат безбедносни, достоинствени и одржливи услови за враќање на араканските муслимани кои пребегаа во Бангладеш.
Бачелет рече дека Армијата во Мјанмар (Tatmadaw) повторно во месец мај запалила голем дел од областа Бутхидаунг, каде што живееја араканските муслимани пред 2017 година, и наведе дека според очевидци и сателитските слики десетици села на араканските муслимани се петворени во пепел.
Во Извештајот поднесен од Унијата на араканските Рохинџи (ARU) до Меѓународниот суд на правдата минатиот месец, се наведува дека во судирите меѓу Армијата и етничките вооружени групи во Аракан се убиваат цивили.
Исто така, во Извештајот се наведува дека судирите меѓу Армијата на Мјанмар и Араканската будистичката армија во државата Аракан овозможува окупација на населбите на араканските муслимани (Рохинџи) од страна на будистичките милитанти и од мигрантите.
- Араканските муслимани се сметаат дека се „без држава“ -
Поголемиот дел од араканските муслиман во Мјанмар кои се подложени на прогон и систематски притисок од 1970-тите година, ја напуштија својата земја и мигрираа во земјите од регионот.
Араканските муслимани, кои ги загубија своите права на државјанство во земјата со законот донесен во 1982 година се сметаат дека немаат „држава“.
Прогласени од ОН како најпрогонувано малцинство во светот, араканските муслимани се подложени на насилство, правна, економска и социјална дискриминација во земјата.
Муслиманското малцинство што живее во мјанмарската држава Аракан, во близина на границата со Бангладеш, се сметаат за „имигранти од Бангладеш“ и до денес во официјалните документи се нарекуваат „бенгалци“.
Во Мјанмар, каде официјално се признаени 135 различни етнички групи, радикалните националисти будисти се спротивставуваат на официјалното признавање на араканските муслимани.
- Земјите од регионот за одговорна ја сметаат Владата на Мјанмар -
Судирите меѓу будистите и муслиманите во државата Аракан, во западен Мјанмар, во јуни 2012 година го открија страдањето на араканските муслимани.
Во нападите извршени од страна на будистите, голем број луѓе, претежно муслимани, ги загубија своите животи, додека илјадници беа принудени да го напуштат регионот заради насилствата во кои се запалени стотици домови и дуќани.
По насилството, владините претставници уапсија голем број луѓе и спречија да биде испратена помош до муслиманите кои мораа да ги напуштат своите домови.
Земјите во регионот ја обвинија Владата на Мјанмар за трагедијата на имигрантите, претежно араканските муслимани.
На 23 октомври 2012 година, Араканците, меѓу кои и будистичките монаси, ги запалија муслиманските населби во девет населени места.
Тврдењата дека безбедносните сили не сториле ништо да ги спречат нападите, па дури и им помогнале на напаѓачите, низ целиот свет привлече реакции.
Во Извештајот на 153 страници објавен од „Хјуман рајтс воч“ во април 2013 година се истакнува дека од јуни 2012 година владините претставници и локалните власти во Аракан ги охрабриле нападите врз муслиманските населби. Додека властите во Мјанмар се обвинети за етничко чистење на араканските муслимани.
- Напади на граничните пунктови -
Араканските муслимани беа подложени на насилство и сериозни кршења на човековите права во операциите што ги започна Армијата на Мјанмар, по нападите врз некои полициски пунктови во државата во октомври 2016 година. Главна цел на нападите повторно беа цивили.
Во операциите животот го загубија најмалку 94 лица, од кои 17 војници и 76 цивили обвинети како „агресори“, а приведени беа 575 лица.
Од друга страна, групите за солидарност со Рохинџа муслиманите соопштија дека од почетокот на операциите животот го загубиле 400 аракански муслимани. Владата на Мјанмар објави дека има 86 загинати.
Злосторствата, кршењето на човечките права и уништувањето на населбите од страна на Армијата за време на операциите, предизвика реакции против Владата и министерката за надворешни работи на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи.
Во декември 2016 година, „Хјуман рајтс воч“ соопшти дека селата на араканските муслимани во регионот Маунгдав во државата Аракан биле уништени од воените сили кои дејствуваат во регионот.
Организацијата објави сателитски фотографии со кои се докажува дека 1.500 куќи во Аракан биле запалени од безбедносните сили на Мјанмар.
- Трагедијата на илегалните мигранти во Југоисточна Азија -
Араканските муслимани во Мјанмар се сметаат како лица без државјанство во Мјанмар, ја напуштаат земјата со цел да избегаат од ограничувањата и дискриминацијата на кои се изложени, и паѓаат во рацете на шверцерите на луѓе. Араканските муслимани кои се надеваат на помош од шверцерите со цел да најдат работа во земјите од регионот, се изложуваат на патување чиј крај е неизвесен, и без храна и вода.
Араканските муслимани во 2015 година станаа актуелни во светот со мигрантската трагедија во Југоисточна Азија.
Откако Владата на Тајланд во мај 2015 година започна операција против шверцерите на луѓе кои кампуваа во шумскиот предел во јужниот дел на земјата, мигрантите, претежно аракански муслимани кои бегале од Мјанмар, кои биле задржани како заложници од страна на шверцерите со цел добијат откуп од семејствата, биле ставени на чамци и напуштени среде морето. Индонезија и Малезија донесоа одлука за обезбедување засолниште во траење од една година за араканските муслимани.
- Мјанмарската војска и будистите националисти на 25 август 2017 година започнаа со масовни насилства -
25 август 2017 година е датум кој ја открива драмата на араканските муслимани.
Мјанмарската војска и будистите националисти ги започнаа своите масови насилства во чии рамки беа убиени околу 10.000 лица, а како образложение за тоа посочија на истовремените напади извршени врз граничните караули во Аракан.
Во извештајот насловен „Никој не е изоставен“ објавен во март 2018 година од страна на организацијата „Лекари без граници“ беше наведено дека се претпоставува оти во насилствата кои се случија меѓу 25 август и 24 септември 2017 година во Мјанмар, загинале најмалку 9.400 аракански муслимани.
Во нападите кои се претворија во етничко чистење, стотици села беа уништени од страна на Војската и радикалните будисти, додека околу 900.000 аракански муслимани бегајќи преку планинските предели, реки или преку море беа принудени да се засолнат во соседен Бангладеш.
По миграциската рута, десетици, претежно деца, се удавиле како резултат на отворањето оган врз чамците на араканските муслимани кои бегаа. Импровизираните чамци во кои се наоѓа аракански муслимани, често потонуваа, додека одвреме навреме беа изложени на интервенцијата на мјанмарските безбедносни сили при нивниот премин преку реките и морето.
Во извештајот на „Хјуман рајтс вач“ објавен во 2017 година се наведува дека араканските муслимани биле изложени на колективна сексуална злоупотреба, колективни малтретирања и масакри. Извештајот насловен „Целото мое тело е во болки: Сексуална злоупотреба врз жените и девојчињата во Мјанмар“ објавен од страна на оваа организација ги откри насилствата и сексуалната злоупотреба извршени врз араканските жени и девојчиња од страна на мјанмарската војска.
Според ОН, бројот на лицата кои по август 2017 година од притисоците и суровоста во Аракан избегаа во Бангладеш достигна 900.000.
Меѓународните организации за човекови права преку сателитските снимки кои ги објавија докажаа дека стотици села биле уништени.
Од друга страна, како резултат на истражувањата од страна на новинската агенција „Асошиејтед прес“ (Associated Press) во февруари 2018 година, врз основа на средбите со очевидците на масакрите во Аракан, сателитските снимки и видеоснимките со мобилни телефони, беа откриени најмалку пет колективни гробници во селото Ду Дар Пјин во Бутидаунг во северниот дел на Аракан.
- Сè повеќе се зголемуваа меѓународните притисоци врз Мјанмар -
Во Извештајот на Меѓународната мисија за независно истражување на Мјанмар, формирана од страна на ОН, во кои се вклучени наодите од септември во 2018 до септември во 2019 година во Мјанмар, се вели: „Состојбата на араканските муслимани и понатаму предизвикува сериозна загриженост кај Мисијата“. Се истакнува дека тоа што насилните настани извршени од страна на мјанмарската Влада врз араканските муслимани со намера за геноцид се потврдени со новите докази, и дека Владата продолжува со систематските и сеопфатните нехумани акти и тиранија врз муслиманите.
Генералното собрание на ОН кон крајот на декември 2019 година ја усвои Нацрт-резолуцијата преку која се осудуваат прекршувањата на човековите права врз араканските муслимани од страна на мјанмарската администрација. 134 земји гласаа „за“ оваа оваа Нацрт-резолуција, додека девет земји гласаа против. Во Нацрт-резолуцијата се критикуваат насилството, сексуалната злоупотреба и арбитрарните притворања извршени врз малцинствата во регионот, пред сè араканските муслимани, од страна на мјанмарската администрација, и се упатува апел до администрацијата за преземање на потребните мерки во оваа насока.
Меѓународниот суд за правда во јануари во врска со судскиот процес поднесен против Мјанмар од страна на Гамбија во име на Организацијата за Исламска Соработка (OIS), донесе одлука дека араканските муслимани се изложени на вистинска и итна закана, и пресуди Мјанмар да ги преземе потребните чекори за спречување на геноцидот врз араканските муслимани и за четири месеци да подготви извештај за тоа.
ОН и меѓународните организации за човекови права насилството врз араканските муслимани го опишуваат како етничко чистење или геноцид.
Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар без да се осигурува безбедна средина ќе предизвика нов обид за етничко чистење.
news_share_descriptionsubscription_contact
