Hakan Çopur
24 Август 2020•Ажурирај: 25 Август 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Во Соединетите Американски Држави (САД) предизвика огромни реакции пукањето врз Афроамериканец од зад грб, од страна на полицаец, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Инцидентот се случил во градот Кеноша, во американската сојузна држава Висконсин, вчера попладне.
Според соопштението од полицијата, локалната полиција отишла на местото поради семеен настан, а инцидентот се случил таму.
Во видеото објавено на социјалните мрежи се гледа дека избувнала расправија помеѓу полицијата и лицето Џејкоб Блејк, и дека осомниченото лице се оддалечува од полицијата и се обидува да влезе во возило.
Во меѓувреме, на истата видеоснимка се гледа како полицијата му пука на лицето в грб. Во видеоснимката се слуша дека е пукано седумпати. Не се открива колку куршуми го погодиле лицето.
Очевидците во изјавата за американските медиуми истакнаа дека повреденото лице се обидувало да раздели две жени кои се расправале и дека полицијата во тој момент пристигнала на местото на настанот.
На прес-конференцијата, полициски службеници соопштија дека повикале брза помош веднаш по инцидентот, и дека повредениот е однесен во најблиската болница и во моментов се наоѓа во тешка состојба.
- Стотици луѓе излегоа на улиците -
Стотици демонстранти излегоа на улиците откако видеоснимката од инцидентот се расшири низ социјалните мрежи. Демонстрантите, кои се собраа на градскиот плоштад и околу полициската станица во Кеноша, протестираа против полициското насилство.
По настаните, во Кеноша е прогласен ноќен полициски час.
По смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис како резултат на полициско насилство, демонстрациите низ целата земја траеја повеќе од еден месец.