Handan Kazancı
15 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
ЛОНДОН (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи го усмртувањето на Палестинците во Газа, истакна дека „Израелската држава сее терор“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Израелската држава сее терор. Израел е терористичка држава“, рече претседател на Турција во обраќањето пред стипендистите на АА и ТРТ во Лондон, додавајќи дека она што го прави Израел преставува геноцид.
„Ја осудувам оваа човечка трагедија, овој геноцид, без разлика од кого доаѓа, од САД или од Израел“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Турција ќе ги вложи сите напори Ерусалим (Кудс) да не биде изгубен.
„Никогаш нема да дозволиме денешниот ден да биде ден кога го загубивме Ерусалим“, рече Ердоган, напоменувајќи дека Турција и понатака одлучно ќе стои покрај Палестинците.
Ердоган апелираше до сите совесни луѓе да се спротивстават на неправдата која им се прави на Палестинците.
„Ги повикувам сите совесни христијани, евреи и сите други верници да го подигнат гласот против оваа неправда“, рече претседателот Ердоган.
На крајот на своето обраќање истакна дека турската Црвена полумесечина во наредниот период ќе испорача хуманитарна помош за болниците во Газа.
Ердоган порача дека во петок во Истанбул ќе биде одржан голем митинг по повод насилството над Палестинците во Газа.
Да потсетиме, израелската војска уби најмалку 55 Палестинци на протестите кои во понеделникот, на 14 мај се одржаа по должината на границата на Газа со Израел поради отворањето на американската амбасада во Ерусалим. На протестите ранети се 2.771 демонстрант, меѓу кои има и голем број Палестинци кои се ранети со истрели од огненото оружје на израелските војници.
Илјадници Палестинци подигнаа шатори на границата на Газа и Израел, протестирајќи против преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс) и во знак на потсетување на Накба, Денот на големата катастрофа, што го симболизира страдањето и прогонот на палестинскиот народ по основањето на државата Израел на палестинска територија.
На 14. мај 1948 година на окупираната палестинска земја прогласена е независноста на Израел. Од тој ден започна големиот прогон на Палестинците кој се одбележува секој 15 мај како Накба - Голема катастрофа.