İlkay Guder
14 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
ПЕКИНГ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција целосно ја поддржува иницијативата на Форумот „Појас и пат за меѓународна соработка“, кој се одржува во Кина, и додаде дека ова е иницијатива од која сите ќе имаат корист и коja ќе доведе до целосен пораз на тероризмот во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг е домаќин на меѓународниот самит, кој во Националниот конгресен центар во Олимпискиот комплекс во Пекинг собра делегации од 130 земји, а турскиот претседател Ердоган во воведното излагање истакна дека Форумот „Појас и пат за меѓународна соработка“ е нов вид на „Патот на свилата“ и дека тоа ќе ги поврзе Азија, Европа, Африка, па дури и Јужна Америка.
Истакнувајќи дека основна цел на иницијативата за реализација на планот на вложувања во инфраструктурата и пораст на стандардот во земјите кои се на тој пат, Ердоган рече дека тоа значително ќе придонесе за меѓудржавните и интерконтиненталните коридори на копнената, морската и воздушната транспортна мрежа.
„Оваа иницијатива на меѓународен план значително ќе ја зајакне и политичката соработка, трговијата, туризмот и научните истражувања, како и соработката во областа на образованието, културата и технологијата. Станува збор за иницијатива која на рутата од речиси 40 милиони квадратни километри, директно зафаќа повеќе од 60 држави и 4,5 милијарди луѓе. Овој значаен проект е придобивка за сите страни“, истакна турскиот претседател Ердоган.
Тој, исто така нагласи дека на толку важен проект мора да се гледа и како на зајакнување на конкурентноста, но и соработка на меѓународен план.
„Наша цел е да воспоставиме меѓународен механизам за финансирање, кој на сите ќе им ги овозможи потребните развојни чекори напред“, порача Ердоган, додавајќи дека Турција со своjoт геополитички статус како врска меѓу Азија и Европа е подготвенa за секаков вид на поддршка и соработка.