Ruslan Rehimov
23 Октомври 2020•Ажурирај: 24 Октомври 2020
БАКУ (АА) - Ерменскиот војник Алберт Микаелјан, заробен во операцијата на азербејџанската Армија за ослободување на окупираната азербејџанска територија, призна дека терористи на ПКК војувале во редовите на Ерменија во Нагорно Карабах, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Војникот Алберт Микаелјан, за време на испитувањето истакна дека е роден во областа Ширак во Ерменија, но дека на воена служба бил испратен во Нагорно Карабах.
Нагласувајќи дека бил распореден во антитенковската единица, Микаелјан рече:
„Во касарната имаше 1.500 луѓе, вклучувајќи платеници од курдско потекло. Платениците месечно земаат плата од 600 долари и зборуваат само на нивниот јазик. Платениците поделени во групи од по 10-15 лица ги учат локалните услови и се подготвуваат за војна.“
Азербејџанскиот потпретседател Хикмет Хаџиев претходно соопшти дека терористи на ПКК се борат во редовите на Ерменија.
По избувнувањето на судирите на 27 септември, Ерменија континуирано спроведува напади врз азербејџанските цивили и војниците, и во изминатите две недели прекрши две хуманитарни прекини на огнот.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските ерменски сили од окупираните територии.
Вкупно, околу 20 отсто од територијата на Азербејџан, меѓу која и Нагорно-Карабах и седум негови соседни региони, се под нелегална ерменска окупација речиси три децении.