Dildar Baykan Atalay
17 Февруари 2023•Ажурирај: 19 Февруари 2023
КИEВ (АА) – Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, им се обрати на учесниците на Минхенската безбедносна конференција и ја повика меѓународната заедница да побрза со реакцијата против руската агресија, јавува Анадолу.
Зеленски преку видеоповик говореше на отворањето на Конференцијата во Минхен и предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да купи време.
„Мораме да побрзаме. Мораме да ги забрзаме нашите договори, испораки и одлуки за да го ограничиме рускиот потенцијал. Нема алтернатива за брзината. Нашите животи зависат од брзината“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател потсети дека зборувал и на минатогодишната конференција, која се одржа непосредно пред почетокот на рускиот напад врз неговата земја.
„Очекувавме целиот свет веднаш да каже дека е со Украина. За жал, тоа го слушнавме дури откако руски проектили ја погодија нашата земја, откако руските тенкови влегоа во нашите градови и откако Путин не остави друг избор, ние или тие“, изјави Зеленски.
Тој рече дека не се сомнева дека Украина и нејзините сојузници на крајот ќе бидат победници во војната.
„Дали слободата може да биде прашање на компромис? Не, никогаш!“, заклучи Зеленски.