Burç Eruygur
26 Март 2024•Ажурирај: 27 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски истакна дека единството е секогаш важно, особено во време на војна и воздушни напади кои целат повеќе региони во земјата, вклучувајќи го и главниот град Киев, пренесува Анадолу.
„Минатата година инициравме нова традиција – заедно да го славиме светиот Рамазан... Многу ми е драго што денеска сме овде во ист состав. Единството е секогаш важно, особено кога животот е засенет од војна и удари на злото“, рече Зеленски за време на ифтарската вечера во Киев.
На вечерата присуствуваа лидерите на Советот на кримските Татари и претставници на муслиманската заедница.
Зеленски им се заблагодари на муслиманските војници во украинската Армија за одбраната на земјата. Русија пред две години започна „специјална воена операција“ во Украина.
Украинскиот лидер им посака „мир и спокојство“ на оние кои се „лишени од нормален живот и безбедност“ во конфликтните области, особено мислејќи на луѓето во Сирија, Газа, Либија и Судан.
„Во Украина, им посакуваме на сите кои го ценат животот... Им посакуваме праведен мир на сите народи чии домови се уништуваат со војна. Им посакуваме правда на нашата држава Украина и на сите други народи. Нека овој период на Рамазан нѐ поддржува сите нас – нашиот народ и нашата земја. И нека нашето единство остане цврсто“, додаде Зеленски.
На настанот се обратија и Мустафа Џемилев, водач на кримските Татари, и украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров и изразија благодарност за напорите на муслиманските војници во војската.