Ali Murat Alhas
15 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
АНКАРА (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека шумските пожари во близина на областа на нуклеарната катастрофа во Чернобил не претставуваат ризик за нуклеарната централа, јавува Агенција Анадолија (АА).
На официјалната страница на претседателот, на социјалната мрежа Фејсбук, објавена е видеоснимка во која тој ги коментира пожарите во зоната на исклучување на Чернобил кои избија на 4 април, велејќи дека вчера биле згаснати шест поголеми пожари.
Тој истакна дека не постојат закани за нуклеарната централа во Чернобил, за објектот за складирање на потрошното гориво и за други критични објекти.
Украинскиот лидер ги повика граѓаните да останат мирни и рече дека вистината нема да биде скриена од јавноста, бидејќи неговата земја живописно се сеќава на катастрофата од 1986 година.
Властите два дена откако избувнал пожарот соопштија дека во зоната на исклучување тој бил згаснат и дека нивото на радијација е нормално.
Сепак, останатите пламени се споија и формираа поголем пожар. Официјалните лица не беа во можност да ја посочат точната област на пожарот, поради силниот чад.
Прелиминарните извештаи посочуваат дека можеби зафатил површина од 100 хектари (247 акри).
Експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил избувна на 26 април 1986 година и е една од најголемите нуклеарни катастрофи во светот, чии последици ги почувствуваа неколку милиони луѓе.