Ata Ufuk Şeker
05 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
БРИСЕЛ
Земјите членки на Европската Унија (ЕУ) постигнаа договор за осмиот пакет санкции против Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението објавено на официјалните социјални мрежи на претседавачот на ЕУ, Чешка, амбасадорите на земјите членки на ЕУ постигнале политички договор за нови санкции против Русија.
Се истакнува дека овие санкции се силен одговор против илегалната анексија на одредени украински региони од страна на рускиот претседател Владимир Путин.
Во соопштението се вели дека осмиот пакет санкции ќе стапи во сила откако писмено ќе се ратификува и ќе се објави во Службениот весник на ЕУ.
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, преку социјалните мрежи реагира во врска со ова прашање.
„Го поздравувам денешниот договор постигнат од страна на земјите члени во врска со осмиот пакет санкции“, напиша Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека дејствуваат брзо и решително, и додаде: „Никогаш нема да го прифатиме лажниот референдум на Путин и каква било анексија во Украина.“
Фон дер Лајен истакна дека Кремљ ќе продолжи да плаќа цени.
Инаку, Европската комисија минатата недела предложи осми пакет санкции кој вклучува повеќе прашања.
Во листата на санкции ќе бидат вклучени одредени лица и организации и ќе се спроведуваат рестрикции во трговијата и во увозот на нафта.
Сѐ уште не е објавена целосната содржина на договорениот пакет санкции.