Elena Teslova
05 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека украинските територии, привремено напуштени од руската војска, ќе бидат повторно заземени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на брифингот со новинарите во Москва, Песков истакна дека териториите дел од регионите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје, сега се дел од Русија.
Тој додаде дека „специјалната воена операција“ продолжува и дека не се донесени одлуки за нејзино трансформирање во „контратерористичка операција“.
„Ова е целосно привилегија на врховниот врховен командант - претседателот на земјата. До денес, такви одлуки не се донесени. Зборуваме за специјална воена операција која е во тек“, рече тој.
Песков истакна дека изјавите на Пентагон за способноста на Украина да гаѓа цели на Крим со артилерискиот комплекс ХИМАРС испорачан од САД ја докажуваат вмешаноста на САД во конфликтот.
„Ваквите изјави, директно и индиректно, се нови потврди за директната вмешаност на САД во овој конфликт, што создава исклучително опасна ситуација“, нагласи тој.
Коментирајќи ги извештаите на некои медиуми дека Виена им предложила на Москва и Киев да одржат мировни преговори во Австрија, Песков рече дека Русија не добила такви предлози.
Портпаролот изрази загриженост и за ставот на Данска и Шведска во врска со инцидентот со гасоводите „Северен тек“, исклучувајќи секаква соработка со руската страна.
„Москва ќе чека појаснувања во овој поглед. Учеството на руската страна во испитувањето на оштетените локации и истрагата за тоа што се случи се задолжителни“, рече тој.