Laura Gamba Fadul
21 Октомври 2022•Ажурирај: 24 Октомври 2022
БОГОТА (АА) – Површините засадени со кока во Колумбија достигнаа историско ниво во 2021 година, променувајќи го тригодишниот тренд, објави Агенцијата на Обединетите нации за наркотици и криминал во годишниот извештај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Колумбија, најголемиот светски производител на кокаин, регистрирано е зголемување од 43 отсто на површините засадени со кока од, од 143.000 хектари во 2020 година на 204.000 во 2021 година, според Канцеларијата на ОН.
Земјата успеа во мал размер да го намали одгледувањето кока од 2018 година, но напорите на Владата да го замени посевот не вродија со плод бидејќи земјоделците велат дека немаат друга алтернатива за да заработат за живот.
Заедно со одгледувањето дрога, производството на дрога од Колумбија која е наменета за САД и Европа, исто така порасна од 1.010 тони кокаин на 1.400 тони.
„Ова се највисоките бројки во нашиот 22-годишен мониторинг“, рече регионалниот директор на Агенцијата на ОН, Кендис Велш, во објавувањето на извештајот.
Оттаму се нагласува дека зголемувањето на одгледувањето кока и производството на кокаин се должи главно на „територијалната ранливост“, зголемувањето на глобалната побарувачка и присуството на вооружени актери кои профитираат од бизнисот.
Тоа е првиот извештај на ОН за дрога што го прими колумбискиот претседател Густаво Петро, кој ја презеде функцијата во август со ветување дека ќе стави крај на неуспешната војна против дрогата, што е резултат, како што рече, на притисокот што го вршат САД за намалување на одгледувањето лисја на кока и производството на кокаин.