Израел продолжува да го прекршува договорот за прекин на огнот со Либан
Прекинот на огнот стапи на сила во средата, ставајќи крај на 14-месечните борби меѓу израелската армија и групата Хезболах
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија во текот на денешниот ден уште седумпати го прекрши договорот за прекин на огнот со Либан, меѓу кои и отворање оган врз градовите во јужен Либан, пренесува Анадолу.
Прекршувањата, според либанската државна новинска агенција ННА, биле концентрирани во областа Марџајун во Набатије.
Израелски тенк истрелал граната врз дом во подрачјето на Тел Нахас на периферијата на градот Бурџ Ал Мулук во моментите кога сопственикот на куќата влегол во неа. Тој, за чудо, го преживел нападот, јави ННА.
Израелската армија, исто така, истрелала артилериски гранати кон периферијата на градовите Маркаба и Талуса, додека четири израелски тенкови влегле во западниот дистрикт Хијам.
Израелската армија со булдожери ги уништувала и земјоделските површини и ги корнела маслиновите дрвја во населбата Абара во градот Кфаркела.
Во средата и четвртокот, регистрирани се најмалку 18 израелски прекршувања на прекинот на огнот во јужен Либан, во кои се повредени две лица.
Прекинот на огнот стапи на сила во средата, ставајќи крај на 14-месечните борби меѓу израелската армија и групата Хезболах.
Според условите на примирјето, Израел ќе ги повлече своите сили јужно од Сината линија, де факто границата, во фази, додека либанската армија ќе ги распореди своите сили во јужен Либан во рок од 60 дена.
Спроведувањето на договорот ќе го надгледуваат САД и Франција, но деталите за механизмите за спроведување се нејасни.
Над 3.960 луѓе се убиени, повеќе од 16.500 се повредени во израелските напади во Либан, додека 1 милион се раселени од октомври минатата година, според либанските здравствени власти.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.