Yusuf Özcan
11 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
ПАРИЗ (АА) – Изјавите што вчера ги даде францускиот претседател Емануел Макрон не се задоволителни за „Жолтите елеци“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според францускиот печат, „Жолтите елеци“ не се задоволни од вчерашните изјави на Макрон, во кои францускиот претседател рече дека минималната плата ќе биде зголемена за 100 евра и дека повеќе нема да се намалуваат пензиите помали од 2.000 евра.
Ерик Дроет, еден од портпаролите на „Жолтите елеци“, истакна дека од самиот почеток на протестите, Макрон не ги сфатил нив сериозно и ги покани активистите на нови протести в сабота.
Од друга страна, Кристоф Торент, поддржувач на „Жолтите елеци“ од градот Монтобан, за медиумите рече: „Изјавите се многу несоодветни. Зголемување на минималните плати од 100 евра не е на задоволително ниво.“
Мишел Арнал од градот Ле Пиј ан Веле, кој ги поддржа „Жолтите елеци“, истакна дека сакаат поцврсти одлуки, но изјавите на претседателот ги смета за задоволителни.
Жаклин Муро, една од портпаролките на „Жолтите елеци", во изјавата за телевизијата ЛЦИ нагласи дека отсега натаму, потребно е да бидат во дијалог со Владата.
Жан Кристоф од градот Авејрон, припадник на „Жолтите елеци“, исто така наведе дека зголемувањето на минималната плата од 100 евра не е доволно и не ги решава проблемите.
Макрон, во синоќешната изјава дадена во врска со протестите на „Жолтите елеци“, рече дека без дополнително даночно оптоварување на компаниите, со почетокот на 2019 година ќе ја зголемат минималната плата за 100 евра.
Макрон, исто така изјави дека сака работодавачите кои имаат можност на крајот на годината на работниците да им исплатат премија (13. плата - бонус-плата). Тој, исто така нагласи дека нема да има намалување на пензиите помали од 2.000 евра.
Макрон на 5 декември изјави дека ги откажал поскапувањата на течните горива за 2019 година, но тоа за „Жолтите елеци“ не беше доволно.
- Причината за протестите
Протестите на „Жолтите елеци“ започнаа на 17 ноември против зголемените цени на течните горива и лошите економски услови во Франција, а потоа се претворија во гнев против администрацијата на Макрон и станаа најнасилните протести во последните години во оваа земја.
Демонстрантите, кои претежно ги сочинуваат лицата кои се преселиле во рурални подрачја поради високите наемнини во центрите на градовите во земјата, од Макрон бараат подобрување на економските услови.
Соопштено е дека зголемувањата на цените на горивата за 2019 година се откажани, но тоа не им беше доволно на демонстрантите, кои најавија продолжување на протестите.