АНКАРА (AA) - Соединетите Американски Држави (САД) се подготвуваат за имплементација на првиот пакет санкции кон Иран.
Откако претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор со Иран, американското Министерство за трезор соопшти дека санкциите ќе бидат повторно воведени и имплементирани во две фази.
- На што се однесуваа првиот пакет санкции кон Иран?
Имплементацијата на првиот пакет санкции кон Иран ќе почне вечерва по полноќ по локално време. Со него на иранските власти ќе им биде забрането купување американски долари и трговија со злато и благородни метали.
Исто така, санкциите ќе се однесуваат и на трговијата со челик, јаглен и алуминиум, а последици ќе почувствува и автомобилската индустрија. Од утре ќе бидат имплементирани и санкциите што се однесуваат на цивилната авијација, што ќе го ограничи движењето на патнички авиони и ќе оневозможи увоз на резервни делови за авиони.
Забранет е и извоз на иранските рачно ткаени теписи и храна од Иран во САД.
- Последиците ќе ги почувствуваат и трети земји
Првиот пакет санкции нема да се одрази само врз Иран. Имено, САД предупредија на санкции и кон трети земји што нема да се придржуваат на американските одлуки и ќе продолжат да тргуваат со Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 8 мај најави повлекување на САД од нуклеарната програма и санкции кон Техеран. Споменатата нуклеарна програма е постигната за време на мандатот на поранешниот претседател, Барак Обама, во 2015 година. Договорот е една од работите за која Трамп највеќе зборуваше и во текот на предизборната кампања, нарекувајќи го „еден од најлошите договори постигнати во американската историја“.
Од друга страна, европските земји и покрај тоа што поминаа 90 дена од повлекувањето на САД од договорот, не презедоа значителни мерки за да го заштитат Иран од американските санкции.
- Голем број глобални компании се повлекоа од земјата
Многу глобални компании со претставништва во Иран, по американските закани за санкции, се повлекоа од Иран. Меѓу компаниите што се повлекоа од Иран е и „Тотал“, кој со иранските власти потпиша инвестициски договор во нафтениот сектор вреден 4,2 милијарди евра.
- Поради санкциите милион луѓе би можеле да останат без работа
Санкциите негативно ќе се одразат и на автомобилскиот сектор, кој по нафтениот е најголем сектор во Иран.
Бројот на вработени во него е поголем од милион. Неодамна иранскиот министер за труд, Али Реби, предупреди на овој проблем.
„Поради санкциите милион луѓе би можеле да останат без работа, но ќе преземеме чекори за да не дојде до тоа“, изјави тогаш Реби.
Европските произведувачи на автомобили, меѓу нив и „Пежо“, „Рено“ и „Цитроен“, кои по нуклеарниот договор се свртеа кон иранскиот пазар, соопштија дека ја завршуваат трговијата со Техеран.
Слични чекори презеде и германската компанија „Сименс“, но и руските фирми што се занимаваат со производство на железо и челик.
- Суспендирани договорите со „Боинг“ и „Ербас“
По нуклеарниот договор, администрацијата на Обама го укина ембаргото во секторот на цивилната авијација што на Иран му е воведено во 1979 година.
Иран со американскиот произведувач на авиони „Боинг“ во 2016 година постигна договор за набавка на 80 авиони за иранската национална компанија „Иран ер“, а во 2017 година за „Асеман Ерлајнс“.
Техеран и во 2016 година со француски „Ербас“ потпиша договор вреден 19 милијарди долари, но американскиот министер за трезор, Стивен Мнучин, рече дека на „Боинг“ и „Ербас“ им се суспендирани лиценците за продажба на патнички авиони на ирански компании.
- Следува ембарго за нафтениот сектор
САД ќе ја започнат имплементацијата на вториот пакет санкции кон Иран на 5 ноември. По тој датум ќе бидат воведени ограничувања за компаниите што работат во нафтениот сектор.
Иран го зазема четвртото место на листата земји во светот со најголеми нафтени резерви.
Иран најмногу ја извезува нафтата во Кина, Индија, европските земји, Јужна Кореја и Јапонија. Годишните приходи на Иран од трговија со нафта се проценуваат на 60 милијарди долари, но санкциите би можеле да доведат до пад на приходите на 27 милијарди.
Во заедничко соопштение на членките на Европската Унија (ЕУ), Франција, Велика Британија и Германија, во врска со новиот пакет на американските санкции кон официјален Техеран, порачано е дека ЕУ решително ќе ги штити европските компании кои работат со Иран.
„Одлучни сме во заштита на европските компании кои работат со Иран во согласност со законите на ЕУ и со одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации“, наведено е во соопштението.
Министрите на земјите на групата 5+1 (САД, Кина, Русија, Велика Британија, Франција и Германија) во Виена во 2015 година потпишаа договор со Иран кој стапи на сила на 16 јануари 2016 година.
По повлекувањето на Соединетите Американски Држави од договорот за иранската нуклеарна програма, земјите членки на ЕУ објавија заедничко соопштение во кое е изразено жалење поради ваквите одлуки на Вашингтон.
Според соопштението, од утре на сила ќе стапи и новиот правилник на ЕУ кој има за цел заштита на европските компании.
Во соопштението е истакнато и дека Иран, според досега сочинетите 11 извештаи на Меѓународната агенција за атомска енергија (UAEA), ги исполнуваше одредбите од претходно потпишаниот договор.
news_share_descriptionsubscription_contact


