Ekip
14 Август 2021•Ажурирај: 15 Август 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Бројката на починати во неодамнешното свлечиште што се случи на автопат во Индија се зголеми на 23 лица, а надлежните служби продолжуваат со своите напори да дојдат до автомобилите што останаа затрупани под земја, известува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за свлечиште што во средата однесе дел од автопатот Реконг Пео - Шимла во индиската држава Химачал Прадеш. Дел од автопатот на планинските падини речиси исчезна, а со него и повеќе возила, вклучувајќи и патнички автобус.
„Спасувачите утрово дојдоа до возило и ги извлекоа телата на шест починати. Билансот на смртно настраданите во свлечиштето се зголеми на 23. Спасувачките екипи продолжуваат со своите активности на теренот“, соопшти безбедносниот претставник Вивек Кумар Пандеј.
Пандеј изјави дека спасувачките операции се отежнати поради честите одрони на камења бидејќи се работи на исклучително тежок терен.
Индиската држава Химачал Прадеш веќе неколку недели е под влијание на интензивни врнежи од дожд што предизвикаа бројни поплави и свлечишта.