Ekipa
19 Мај 2020•Ажурирај: 19 Мај 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Во симболично непочитување на санкциите на Соединетите Американски Држави (АА), Иран испрати пратки со гориво до Венецуела во потег полн со опасност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пет ирански супер танкери кои носат гориво и други слични производи во вредност од 45,5 милиони долари, запловија кон Венецуела, сојузникот на Техеран, а противникот на Вашингтон.
На танкерите им претстои долго патување до Венецуела од иранскиот крајбрежен град Бандар Абас во регионот на Персискиот Залив, а минаа околу Арапскиот Полуостров преку Суецкиот Канал пред да влезат во водите на Средоземното Море, според податоците од Системот за автоматска идентификација на бродот (AIS), што помага во следење на движењето на пловилата.
Првиот ирански танкер се очекува да пристигне во Венецуела на 25 мај.
Испораките со гориво беа испратени на барање на претседателот од Венецуела, Николас Мадуро, чија земја се соочува со сериозен недостиг на нафта во нејзините рафинерии.
Според јавувањата на медиумите, Техеран ќе добие најмалку девет тони злато во замена за испораките на нафта во Венецуела.
Се претпоставува дека Венецуела поседува околу 70 тони злато, што стана значајно богатство за земјата којашто се бори со економски проблеми.
- Американски закани -
Поврзувањето на Техеран и Каракас не помина добро во Вашингтон, кој, наводно, распоредил флота од воени бродови во водите на Карибите.
Висок официјален претставник во Вашингтон во изјавите минатата недела рече дека САД размислуваат за мерки како одговор на испораката на гориво од Иран до Венецуела.
„Иран, пак, предупреди дека секоја „пиратска“ акција од страна на американската морнарица против иранските танкери со гориво за Венецуела ќе повлече остра реакција“, јави иранската новинска агенција „Нур“.
Иранското Министерство за надворешни работи, исто така, ги предупреди САД против одредена, како што ја нарече Техеран, „глупава акција“ против иранските танкери со нафта, и истакна дека нема законски ограничувања за трговија меѓу Иран и Венецуела.
Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, исто така испрати писмо до генералниот секретар на ОН, во кое ги нарекува „нелегални, опасни и провокативни заканите“ на САД и еден вид „пиратство“ и „голема закана“ за меѓународниот мир и безбедност.
Поранешниот советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон, од своја страна, на Твитер напиша дека Владата на Мадуро добила „помош“ од Кина и Иран за „санирање на погодените рафинерии за нафта во Венецуела“.
„Не правете грешка, Кина и Иран се во длабока соработка да го спасат Мадуро и да ги посрамотат САД“, напиша тој.
Иран и Венецуела развија блиски односи и потпишаа неколку договори за време на претходникот на Мадуро, Хуго Чавез, кој беше близок пријател на тогашниот ирански претседател Махмуд Ахмединеџад.
Експертите стравуваат дека ситуацијата во регионот би можела да експлодира доколку иранските танкери бидат пресретнети од морнарицата на САД. Двете поморски сили беа дел од опасни маневри во Персискиот Залив во последните неколку недели.