İlyas Tayfun Salcı
02 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
ЛОНДОН (АА) - Полицијата започна истрага за антиисламските пароли напишани на ѕидот на една зграда во близина на џамија во Лондон, главниот град на Велика Британија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава на британската полиција се истакнува дека се напишани антиисламски пароли на ѕидовите од зградата во близина на Исламскиот културен центар „Брикстон“ во јужен Лондон.
Започната е истрага за пронаоѓање на сторителите на инцидентот, а исто така започнати се и работите за бришење на навредите напишани на ѕидот.
Градоначалникот на Лондон, Пакистанецот Садик Кан, го осуди инцидентот на неговиот профил на социјалните мрежи.
Кан, опишувајќи го инцидентот како одвратен, истакна: „Криминалците ќе се соочат со моќта на законот.“
Исламофобичните напади во Велика Британија започнаа да растат во 2017 година по бомбашкиот терористички напад во Манчестер.
Во процесот на одвојување на земјата од Европската Унија дојде до зајакнување на ксенофобијата и екстремните десничарски групи, а тоа одигра улога во ширењето на исламофобијата.
Антиисламските изјави на некои членови на владејачката Конзервативна партија исто така доведоа до наводите дека исламофобијата е институционализирана во рамките на оваа партија.
Британскиот муслимански совет, кој го сочинуваат над 500 исламски невладини организации, ја повика владејачката партија да се бори против исламофобијата во нејзините структури.