свет

Камала Харис телефонски разговараше со Трамп, честитајќи му на изборната победа

Харис „разговарала за важноста од мирен трансфер на власта, како и важноста да биде претседател на сите Американци“

Servet Günerigök  | 06.11.2024 - Обновена : 06.11.2024
Камала Харис телефонски разговараше со Трамп, честитајќи му на изборната победа

ВАШИНГТОН (АА) – Кандидатката на демократите за претседателските избори, Камала Харис, ги призна изборните резултати во телефонски разговор со републиканецот Доналд Трамп, пренесува Анадолу.

Си-ен-ен, повикувајќи се на висок помошник, објави дека Харис „телефонски разговарала со новоизбраниот претседател Трамп за да му честита за победата на претседателските избори 2024“.

Телевизиската мрежа соопшти дека Харис „разговарала за важноста од мирен трансфер на власта, како и важноста да биде претседател на сите Американци“.

Телефонскиот разговор се случи неколку часа пред Харис да го одржи својот говор пред приврзаниците, откако и беше нанесен жесток изборен пораз од страна на Трамп, објави нејзиниот Кабинет.

Харис ќе одржи говор на нејзиниот матичен, Универзитетот Хауард, во главниот град. Толпи поддржувачи се собраа таму во синоќа за победничкиот говор, но им беше кажано да се вратат дома додека победите на Трамп низ сојузните држави се зголемуваа.

Трамп ги надмина потребните 270 гласови на Електорскиот колеџ за победа рано утрото по локално време, а моментално состојбата со електорските гласови изнесува 292 наспроти 224, според Асошиетед прес.

„Ние ги надминавме пречките за кои никој не мислеше дека можеме да ги надминеме“, рече Трамп за време на неговиот победнички говор во државата Флорида. „Ова навистина ќе биде златното време на Америка“.

Победата на Трамп означува историски и неверојатен кам-бек откако тој не успеа да биде реизбран за втор последователен мандат во 2020 година, во кој без докази тврдеше дека изборите биле наместени и неуспешно се обиде да ги поништи резултатите.

Тој стана првиот поранешен претседател обвинет за државни или федерални кривични дела во четири одделни обвиненија и беше осуден на почетокот на оваа година во државата Њујорк по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да го прикрие давањето пари за замолчување на ѕвездата во филмови за возрасни Сторми Даниелс, која тврдеше дека имала наводна афера со Трамп.

Од овогодинешните избори бенефит имаше Републиканската партија како целина, бидејќи ја префрли рамнотежата на моќта подалеку од демократите со преземање на контролата врз американскиот Сенат (52:42), каде за неколку места сè уште се пребројуваат гласовите, но само 51 се потребни за преземање на мнозинството.

Контролата во Претставничкиот дом допрва треба да се утврди, бидејќи резултатите од повеќе трки сѐ уште не се објавени. Досега, републиканците водат над демократите со тесна разлика, 210:181, а магичната бројка за преземање контрола во Конгресот е 218.

Трамп ќе биде инаугуриран за вториот мандат во Белата куќа на 20 јануари 2025 година. Харис, како потпретседателка, треба да биде на церемонијата на полагање заклетва во Капитол.





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.