Ekipa
29 Декември 2016•Ажурирај: 30 Декември 2016
ПЕКИНГ (АА) - Кинеската Влада планира да ја прошири мрежата на брза железничка пруга за уште 30.000 километри до 2020 година, како дел од јавната потрошувачка која има за цел да го поддржи економскиот раст, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мрежата на брзата пруга ќе поврзува повеќе од 80 отсто од најголемите градови во Кина“, изјави Јанг Јудонг, заменик-министер за транспорт.
Минатата година, должината на кинеската мрежа изнесуваше 19.000 километри. Заменик-министерот за транспорт Јудонг рече дека владата планира да инвестира уште 504 милијарди долари (482,1 милијарди евра) во изградба на брза пруга до 2020 година.
Економскиот раст е константно бавен во изминатите шест години, додека комунистичките лидери на земјата се обидуваат да го пренасочат економското производство и извозот во корист на повисок одржлив раст врз основа на потрошувачката. Во последните две години, владата одговори со зголемување на трошоците за изградба на автопатишта и други јавни работи.
Во средата, Кина започна со изградба на нова брза пруга којашто ќе го поврзува Шангај во источниот дел со Кунмин, главниот град на Јунан, југозападната сиромашна провинција. Линијата е долга 2.252 километри, поминува низ пет провинции и ќе го скрати времето на патување од 35 на 11 часа.